Македонија мора да гради сопствена сериозна дата-инфраструктура за да стане дигитален хаб во регионот и да не биде само зависен корисник на туѓи услуги, порачува пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Преку соопштение на партискиот Центар за комуникации, а пренесувајќи ја својата Фејсбук-објава, Петрушевски истакнува дека европскиот пазар на дата-центри расте со брз темпо поради развојот на облак-технологиите, вештачката интелигенција (ВИ) и дигиталните услуги.
Според него, државата има поволна геостратешка положба, добра оптичка поврзаност и пристап до европската мрежа преку ENTSO-E, што претставуваат клучни предуслови за привлекување ваков тип капитално интензивни инвестиции. Покрај тоа, изградбата на дата-центри поттикнува и развој на цел екосистем од ИТ-експерти, инженери, телекомуникации и градежни компании.
Петрушевски се осврнува и на енергетскиот аспект, посочувајќи дека високата потрошувачка на енергија од страна на дата-центрите треба да се искористи како катализатор за инвестиции во обновливи извори и батериски системи.
„Македонија не смее да ја пропушти новата индустриска револуција! Како инженер по информатика, а денес и како пратеник, на дата-центрите гледам како на критична инфраструктура за иднината на Македонија. Прашањето не е дали светот ќе користи дата-центри. Ќе користи! Прашањето е: дали Македонија ќе биде дел од таа инфраструктура или ќе им плаќа на други држави за нивните услуги?“, се посочува во објавата на Петрушевски.
Тој заклучува дека развојот на дата-центрите мора да биде добро планиран и во рамките на утврдените стандарди за енергија, вода, инфраструктура и кибербезбедност.
„Не треба да бидеме против дата-центрите. Треба само да бидат добро планирани и во рамките на сите утврдени стандарди. Со јасни правила за енергија, вода, инфраструктура, кибербезбедност и економска корист за државата, дата-центрите може да ја направат Македонија посилна економски, енергетски и дигитално. Не смееме да ја пропуштиме новата индустриска револуција. Македонија мора да биде дел од неа. На крајот, ќе бидам директен: оние што се против дата-центри во Македонија, се против развојот на Македонија“, изјави Петрушевски.

