Нашето Водно од денес е побогато со нов моторички парк! Ова на фејсбук го напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
-Водно добива нова содржина наменета за движење, рекреација, дружење и создавање здрави навики кај сите генерации.
Силното невреме што го зафати Скопје остави зад себе големи штети и бројни паднати дрвја.
Но, нашата обврска не е само да ја санираме направената штета, туку од секој предизвик да создадеме нешто корисно, трајно и вредно за граѓаните.
Како што најавив веднаш по невремето, здравите стебла од паднатите дрвја не ги оставивме да завршат како отпад.
Им дадовме нов живот и нова намена.
Од нив го изградивме новиот моторички парк на Водно – внимателно уреден простор со природни препреки и реквизити за развивање на рамнотежата, координацијата, агилноста, прецизноста и физичката подготвеност.
Простор во кој децата преку игра ќе ги развиваат своите моторички способности, а младите и возрасните ќе можат да вежбаат, да се рекреираат и да поминуваат повеќе квалитетно време во природа.
Наместо отпад, создадовме нова вредност. Наместо уништени стебла, создадовме простор исполнет со движење, енергија и живот.
На местата каде што беа отстранети паднатите дрвја веќе се засадуваат нови садници, а во втората половина на септември ќе започнеме голема есенска акција за пошумување на нашиот град.
Ова е само дел од активностите со кои му го враќаме сјајот на Водно.
Го реконструиравме патот до средно Водно.
Ги уредуваме патеките и ја обновуваме урбаната опрема, која со години беше оставена на забот на времето.
Истовремено, на Водно и Матка веќе функционира Планинската спасителна служба, подготвена за брзи и професионални интервенции во планински услови.
Со тоа ја подигнуваме безбедноста на сите посетители и создаваме услови безгрижно да уживаат во природата.
Водно е срцето и зелените бели дробови на Скопје.
Го чуваме, го обновуваме и го развиваме паметно, одговорно и со љубов.
Чекор по чекор, создаваме Водно какво што заслужуваат скопјани – безбедно, уредено, зелено и исполнето со содржини за сите генерации, напиша градоначалникот.

