Чопор улични кучиња е забележан во Кисела Вода, а според сведоштва на граѓани, кучињата се пуштаат кон луѓе и предизвикуваат страв кај жителите.
Само утрово, според информациите што ги споделуваат граѓани, кучињата тргнале кон две мајки со колички во кои имало бебиња. Мајките во тој момент ги носеле децата во градинка. За среќа, успеале да се одбранат.
Особено загрижува фактот што станува збор за подрачје каде има училиште, две детски градинки и паркот „Фредерик Шопен“, кој е едно од пофреквентните места во населбата и секојдневно го посетуваат голем број деца и родители.
Случајот се споделува и во повеќе локални Фејсбук групи, каде граѓаните апелираат до надлежните институции да преземат мерки.

Со оглед на тоа што во непосредна близина секојдневно се движат голем број деца, родители и други граѓани, жителите бараат итна реакција и решение на проблемот, пред да дојде до посериозен инцидент.

