Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска оствари средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој ја информираше за основните макроекономски показатели и за мерките преземени во делот на макроекономската политика.
За време на средбата било разговарано за влијанието на глобалните геостратешки, финансиски и енергетски трендови врз македонската економија, како и за последиците врз индустријата, трговијата и градежништвото.
Гувернерот оцени дека економијата е стабилна и бележи солиден раст, но нагласи дека треба внимателно да се следат увозната зависност, како и цените на храната и енергијата.
Силјановска Давкова и Славески се согласиле дека стручните и компетентни човечки ресурси се од клучно значење за успешното функционирање на Народната банка и за одржување на финансиската стабилност на земјата. Во тој контекст, гувернерот информираше дека до Собранието веќе е доставен предлог за избор на трет вицегувернер.
На средбата беше заклучено дека макроекономската стабилност и здравиот финансиски систем остануваат главен приоритет за напредокот на државата.

