Општина Кисела Вода и Град Скопје започнаа голема акција за уредување на пешачката зона долж целиот кеј на реката Вардар, на потегот од населбата Лисиче до Влае, информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Во рамки на градежните активности се врши замена на уништените подни плочки, нивелација на нерамните површини и санирање на оштетувањата со цел просторот да биде безбеден и функционален за граѓаните.
„Кејот е едно од најпосетените и најомилените места на скопјани. Тука се спортува, се рекреира, се создаваат пријателства и се минуваат драгоцени семејни моменти. Затоа, неговото уредување не е само обврска, туку наша одговорност кон секој граѓанин“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека активностите за обновување на овој јавен простор траат подолго време, при што се изградени нови спортски терени и се поставува современа урбана опрема.
Во тек е и акција за темелно расчистување на коритото на реката Вардар на територијата на главниот град.
„Кејот е пулсот на Скопје, место на кое градот дише, а скопјани ги создаваат своите најубави спомени. Затоа ќе го чуваме, уредуваме и развиваме, онака како што заслужуваат Скопје и неговите граѓани“, порача Ѓорѓиевски.

