Хрватска од 1 март 2027 година воведува нов дигитален систем за наплата на патарините, со кој класичните наплатни рампи и долгите колони на автопатите ќе станат минато.
Новиот систем наречен „Crolibertas“ ќе овозможи возилата да минуваат без запирање, а висината на патарината ќе се пресметува според изминатата делница и категоријата на возилото.
Дури 212 електронски портали опремени со камери и сензори веќе се поставуваат долж околу 1.400 километри автопатишта. Системот функционира според принципот „слободен проток“, овозможувајќи непречено движење на возилата.
За патничките возила до 3,5 тони плаќањето ќе се врши преку автоматско препознавање на регистарските таблички. За оваа опција, возачите ќе треба однапред да го регистрираат возилото и да поврзат платежна картичка, или пак да користат ENC-уред кој се отчитува во одот.
За сите автобуси, камиони и мотоцикли, користењето на ENC-уредот ќе биде задолжително.
Важно е да се напомене дека Хрватска не воведува вињети – наплатата и понатаму ќе зависи од изминатите километри, но процесот ќе се одвива без какво било физичко застанување.
Дигитализацијата ќе ги опфати сите автопатишта во земјата, вклучително и оние со кои управуваат „Хрватски автопати“, како и делниците под концесија на „Бина-Истра“ и „Автопат Загреб-Мацељ“.
За македонските граѓани кои патуваат кон хрватското крајбрежје или кон Западна Европа, ова значи значително побрз транзит, особено за време на летната сезона. Возачите од Македонија ќе имаат обврска однапред да ја регистрираат својата табличка во системот пред тргнување.
До официјалниот почеток во март 2027 година, наплатата на патарините во Хрватска ќе продолжи да функционира според сегашниот систем.

