Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, утрово информираше дека пожарот во околината на селото Лопатица, кој во текот на ноќта го загрозуваше селото, е целосно изгаснат.
Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат внимателни, бидејќи и најмала искра на сува трева може да предизвика сериозен пожар.
– Утрово селата Бонче, Подмоље и Лопатица се безбедни. Тешка ноќ имаа пожарникарите од Прилеп, доброволните пожарникари ангажирани преку ДЗС, како и сите оние кои се наоѓаа во селото Лопатица, кое синоќа беше загрозено од пламените јазици. Пожарната линија која беше видлива од регионалниот пат Прилеп–Битола е целосно изгасната. Активен е само уште еден крак високо над селото Бонче – изјави Ангелов.
Тој упати благодарност до прилепските пожарникари, кои во текот на ноќта со контрапожар, над една противпожарна пресека во близина на Лопатица, успеале да го запрат ширењето на огнот и да спречат негово преминување кон селото Подмоље.
Ангелов се заблагодари и на тимот за брз одговор на ДЗС, составен од пожарникари од Битола и Кочани, кои биле ангажирани на ридовите околу селата и гаснеле километарска огнена линија.
Тој изрази загриженост дека поради зголемувањето на температурите во текот на денот, на одредени делови од пожарот може повторно да се појават активни жаришта.
– Наша задача е да внимаваме на неа. Овде има пожарникари од Прилеп, како и екипажите на двата „Пинцгауери“, кои ќе следат и доколку дојде до реактивирање, веднаш ќе интервенираат. Пожарот и од мариовската страна е изгаснат или ставен под целосна контрола. Оптимист сум дека денеска имаме можност да му го зададеме последниот удар и, можеби и на мое изненадување, целосно да го изгаснеме овој најголем пожар во сезоната – рече Ангелов.

