Стручен тим на Управата за јавни приходи, во соработка со Општина Охрид, денеска одржа информативно-работна средба со издавачи на вили, апартмани и соби, хотелиери, угостители и претставници на други туристички дејности.
На средбата беше презентирана кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“, со која се потсетуваат сите физички лица кои остваруваат доход од издавање сместувачки капацитети дека имаат обврска навремено да го пријават и платат данокот.
Од УЈП појаснија дека законската обврска важи за сите кои издаваат апартмани, станови, куќи или соби, независно дали тоа го прават на подолг период или само неколку дена во месецот.
Данокот се плаќа без разлика дали престојот го платил домашен или странски гостин, во готовина или преку трансакциска сметка, како и при резервации преку платформите Airbnb, Booking.com, Facebook, Kayak, Tripadvisor и други.
Даночните службеници го објаснија начинот на пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, каде што данокот се пресметува на бруто остварениот доход, намален за признатите трошоци во зависност од тоа дали просторот е опремен или неопремен.
Посебен акцент беше ставен на ангажирањето сезонски работници, како готвачи, бармени, собари и рецепционери. За ангажман до најмногу 180 дена во годината, работодавачите се должни да го формализираат односот согласно Законот за работно ангажирање лица и да обезбедат е-ПДД и МПИН пресметки преку профилите на е-Даночни услуги.
Укажувања беа дадени и за дејностите од времен карактер за време на летната сезона, како што се изнајмувањето кајчиња, педалинки, СУП даски, кајаци, како и продажбата на ракотворби, сувенири и накит. Овие лица имаат обврска пред започнување со работа да поднесат Барање за паушално плаќање на данокот на личен доход (Образец ДЛД-П).
Од Управата за јавни приходи нагласија дека целта е навремено информирање и намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција, со цел обезбедување подобри јавни услуги и развој на локалната заедница.
За сите прашања и поддршка, граѓаните може да се обратат во Контакт-центарот на УЈП на телефонскиот број 02/32 53 200 или лично во најблиската организациона единица.

