Од утре до 30 август, Карпош повторно ќе живее со култура и уметност во рамки на „Карпошово културно лето“. Во текот на десет фестивалски денови, жителите ќе можат да проследат концерти, филмски проекции, изложби, детски содржини, фолклорни настапи и различни културни настани.
Програмата ќе се одвива на повеќе локации низ општината, меѓу кои плоштадот „Делфина“ во Влае, платото на „Млечен“, Карпош 3, Бардовци, Кинотеката, дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, просторот кај ФИНКИ и општинската зграда.
Фестивалот официјално ќе биде отворен утре во 20 часот на плоштадот „Делфина“, со настапи на Александар Тарабунов – Тара и Нокаут, по што следува диџеј-програма.
Музичкиот дел од фестивалот ќе го збогатат Тумбао Салса бенд со Сашо Гигов – Гиш, Дац и Александар со Маријана и Росана, Balkan Jam, Игор Џамбазов и Гуру Харе и Day Off.
Посебна вечер на 29 август во Бардовци ќе биде посветена на македонската народна музика, каде ќе настапат Душко Георгиевски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски и КУД „Етнос“.
Во програмата се вклучени и детскиот фестивал „Поточиња“, хорот на Здружението на пензиери Карпош, женскиот хор „Фрида“, АКУД „Мирче Ацев“, квартетот „Полихимниа“ и други учесници.
Љубителите на визуелната уметност ќе можат да ја видат изложбата со 25 плакати од театарски претстави на Горан Стефановски, како и патувачката изложба ReART, посветена на циркуларната уметност и креативната повторна употреба на електронскиот отпад.
На 21 август во Кинотеката ќе биде отворена меѓународната изложба „Ликовни визии на имагинацијата“, со дела на десет уметници од Македонија и Србија, а истиот ден ќе се одржи и промоција на книгата „Зоја“ од Јоана Шишкова.
Филмската програма на отворено започнува на 21 август во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“ со проекцијата на „Приказна за Силјан“, а ќе продолжи до 27 август.
За најмладите, на 23 август во Карпош 3 ќе се одржи интерактивната работилница „Нашето маало – #СоздавамеЗаедно“, додека на 27 август на платото на „Млечен“ ќе биде поставена изложбата „Карпош помеѓу боите и генерациите“.
Од Општина Карпош ги повикуваат граѓаните да бидат дел од фестивалските денови, кои и годинава ја спојуваат традицијата со современото македонско творештво и нудат содржини за различни генерации.

