Австриските безбедносни служби го уапсија 28-годишниот македонски државјанин кој се бараше под сомнение за напад со нож за време на нарко-зделка во градот Велс.
Полицијата во Горна Австрија соопшти дека осомничениот бил лоциран и лишен од слобода во средата претпладне на железничката станица „Вестбахнхоф“ во Виена.
Веднаш по апсењето, тој бил спроведен во затворот во Велс.
Инцидентот за кој се товари се случил на 29 април годинава во еден пансион, кога по вербална расправија при купопродажба на дрога, тој со нож му нанел тешки повреди на купувачот.
Според полициските информации, осомничениот веднаш по нападот побегнал од Австрија и се засолнил во Македонија.
Тој бил уапсен во моментот кога повторно се обидел да влезе и да престојува на територијата на Австрија, по што безбедносните служби веднаш му ставиле лисици на рацете.

