Охридскиот рамковен договор е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по повод 25 години од неговото потпишување.
Тој нагласи дека Македонија е заеднички дом на сите граѓани, но упати критики до власта дека наместо да ги негува вредностите на мирот и дијалогот, повторно создава атмосфера на страв и поделби.
„Денеска одбележуваме 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт во 2001 година и се потврди територијалниот интегритет и демократската иднина на Македонија. Токму најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби“ – истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека изминатите две и пол децении се потсетник дека компромисот е секогаш посилен од конфликтот.
„Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата. По 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза“ – посочи тој.
Филипче упати директни обвинувања до раководството на владејачката партија за начинот на кој ја води политичката дебата.
„Но токму во овие денови го гледаме спротивното. Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов – кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат „талог“. Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава – дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како „талог“. Со вистина, со правда и со достоинство“ – заклучи Филипче.

