Министерството за внатрешни работи продолжува со повикување на информативни разговори на лица чии профили на социјалните мрежи вчера ширеле информации дека водата во Скопје не треба да се пие поради наводно присуство на бактеријата Escherichia coli.
Од МВР за МИА утринава информираа дека Секторот за компјутерски криминал презема мерки за идентификување на профилите од кои се ширеле спорните објави, по што лицата се повикуваат на информативен разговор.
„По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, соопштија од МВР.
Информациите за наводна контаминација на скопската вода вчера масовно се ширеа на социјалните мрежи, предизвикувајќи загриженост кај граѓаните. Тие беа демантирани од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, ЈП „Водовод и канализација“ и Министерството за здравство.
Ѓорѓиевски на прес-конференција уверуваше дека водата во Скопје е безбедна за пиење и дека во неа нема присуство на Escherichia coli ниту други опасни бактерии.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги отфрли информациите за наводна контаминација на водата за пиење, уверувајќи дека скопската вода е безбедна.
„Не постои ништо такво и одговорно тврдам дека имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. Стојам зад тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен“, рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека јавноста, како што вели, навремено и транспарентно се информира за сите случувања, без разлика дали станува збор за добри или лоши вести.
Според него, информациите за присуство на бактерии во водата претставуваат злонамерни дезинформации со кои се создава паника меѓу граѓаните.
Ѓорѓиевски посочи дека уште претходно добил информации оти од одредени центри се подготвува ширење паника во Скопје, поврзано со наводна опасност од контаминација на водата поради депонија која се наоѓа на околу 30 километри од изворот Рашче.
Тој додаде дека депонијата во моментов се расчистува од страна на ЈП „Водовод и канализација“ и други служби, но оти, како што рече, станува збор за депонија која постои околу 30 години.
Според Ѓорѓиевски, откако вчера преку социјалните мрежи ги демантирал информациите за наводната опасност од депонијата, се појавиле нови тврдења за присуство на бактерии во водата.

