Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја изрече првата глоба за напуштање легло со мачиња во Скопје, откако случајот бил пријавен од граѓанин.
Инспекциската контрола била спроведена по информација добиена од ЈП „Лајка“, поддржана со видеоснимки и фотографии од настанот во парк во близина на скопски трговски центар.
Врз основа на известување кое ЈП Лајка го добило од граѓанин (поткрепено со видео снимки и фотографии) за напуштање легло со мали мачиња од страна на физичко лице во парк во близина на трговски центар во Скопје, официјален ветеринар на АХВ вчера спроведе вонредна инспекциска контрола. Контролата е спроведена по обезбедена потврда од Министерството за внатрешни работи (МВР) за идентитетот на лицето и регистарските таблички на возилото со кое биле превезувани мачињата. За прекршок по член 26 од Законот за заштита и благосостојба на животните и член 59 од Законот за ветеринарно здравство, на сторителот му е изречена глоба од 550 евра во денарска противвредност, информира АХВ за МИА.
Случајот предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните и активистите за заштита на животните ја поздравија реакцијата на надлежните институции.
Огромна благодарност до Агенција за храна и ветеринарство во името на сите нас кои се бориме за правата на животните, особено мачките. Направивте огромна промена со овој случај кој, се надевам, ќе служи за пример. Вакви случки како оваа кај нас се секојдневие. За која било институција да постапи, потребна е пријава. Затоа, пријавувајте во МВР и АХВ, зборувајте во име на тие што не можат да зборуваат за себе, гласи еден од коментарите.
Во друг коментар се истакнува дека ваквиот чекор е добар почеток за воспоставување систем за заштита на животните.
Затоа, не вртете глава. Ако знаете дека некој намерно остава (фрла) мачиња или кучиња – пријавете. Ако сте виделе, ако имате снимка, фотографија или друг доказ, пријавете во АХВ. Не е „туѓа работа“. Ако сте хуман очевидец, не молчете, се додава во реакцијата.
Напуштањето животни граѓаните може да го пријават на бесплатниот телефонски број 0800 3 2222 или преку е-пошта на info@fva.gov.mk.

