Партијата ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение и прес-конференција на пратеникот Бране Петрушевски ги обвини активистите и раководството на СДС за намерно ширење дезинформации и предизвикување паника во врска со исправноста на водата за пиење во Скопје.
Од владејачката партија тврдат дека станува збор за скроено сценарио за финансиско профитерство на компанија која продава флаширана вода, а која според нив е поврзана со структури на опозицијата.
„До сега очекувавме и видовме се од талогот на СДС, но ова веќе ги преминува сите граници. Вакви пораки на социјалните мрежи биле праќани од страна на активисти на СДС кон граѓаните. СДС го допре дното и со умисла создава паника и хистерија за тоа дека водата во Скопје не била безбедна за пиење, додека вистината е сосема спротивна“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека граѓаните во Скопје пијат безбедна и чиста вода и побараа Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство итно да постапат, да ги откријат поединците кои ги шират дезинформациите и да покренат соодветна одговорност.

