Илјадници туристи останаа заглавени на Сицилија откако вулканот Етна продолжи да исфрла големи облаци од пепел, лава и топло камење. Воздушниот сообраќај на аеродромот во Катанија е целосно затворен петти ден по ред, во самиот шпиц на туристичката сезона, поради намалена видливост и опасни услови за летање.
Според проценките, сообраќајниот хаос директно погоди околу 30.000 патници. Досега се откажани или пренасочени над 200 летови, а аеродромот се наоѓа под највисокото, црвено ниво на предупредување.
Поради откажаните летови, сите сместувачки капацитети на островот се брзо пополнети. Голем број туристи се принудени да го продолжат престојот или да спијат директно на аеродромските терминали.
Патниците масовно се обидуваат да стигнат до аеродромот во Палермо, од каде што сè уште се реализираат меѓународни летови, поради што возовите се преполнети.
Во меѓувреме, се појавија и дојави за профитерство на теренот. Италијанскиот актер Филипо Лагана на социјалните мрежи алармираше дека за приватни трансфери со комбиња од Катанија до Палермо, на растојание од околу 200 километри, на патниците им биле наплаќани дури 700 евра.
Според податоците од Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), најактивниот вулкан во Европа од петокот интензивно исфрла пепел.
Густи токови на лава истекуваат од два примарни кратери на височина од 2.360 и 2.750 метри, а во текот на ноќта се отворил уште еден нов кратер на височина од околу 1.900 метри. Надлежните служби продолжуваат со деноноќно следење на состојбата на вулканот кој е висок над 3.300 метри.

