Водата за пиење во Гостивар повторно не е безбедна по сите најави и ветувања за нејзино подобрување, реагираа денеска од Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).
Претседателот на СДММ, Трајче Стојчевски, на прес-конференција истакна дека граѓаните на Гостивар веќе пет недели немаат вода за пиење на високите температури, а Локалниот кризен штаб ја продолжи забраната за користење.
„И повторно водата во Гостивар не е безбедна за пиење. По сите најви, по сите ветувања, по сите „анализи што покажуваат подобрување“ – граѓаните сè уште не смеат да ја пијат водата од чешма. Веќе пет недели. Температурите се многу високи, граѓаните немаат вода“, изјави Стојчевски.
Тој посочи дека пиешечка вода се дели на пет точки во градот, додека селата и одделни делови од Гостивар сè уште користите само техничка вода.
Според Стојчевски, ова не е изолиран случај и во моментов во над 50 населени места низ државата водата не е чиста за употреба.
„Граѓаните веќе јасно разбираат: Зборот на Мицкоски и на организираната криминална група ВМРО ништо не вреди. Ова не е изолиран случај. Во повеќе од 50 населени места низ државата водата не е чиста. Реката Лепенец и Вардар беа бели од хемиско загадување. Сега истите сцени ги гледаме и на реките Тополка и Бабуна“, нагласи претседателот на СДММ.
Од младинската организација на СДСМ потенцираат дека според анализите на Центарот за јавно здравје – Велес, реките Тополка и Бабуна се микробиолошки загадени и не се препорачуваат за капење, а бидејќи и езерото Младост е под забрана веќе две години, за велешани единствена опција останува градскиот базен.
„На почетокот на кризата во Гостивар криеја. Лажеа. Го минимизираа проблемот. Исто како што кријат и сега за другите загадувања. Сè е по истиот принцип. Прво се крие. Потоа се најавува. На крај граѓаните остануваат без безбедна вода, а тие продолжуваат со прес-конференции. Кога една власт постојано лаже за основните работи – вода, воздух, здравје, тогаш повеќе никој не верува ниту на една нивна изјава. Гостивар е само најновиот доказ. Зборот на Мицкоски и ВМРО-ОКГ повеќе ништо не значи“, заклучи Стојчевски.

