УХМР ги објави температурите ова утро во 8 часот низ Македонија. Според мерењата, Македонија се пржи од рано наутро. Најтопло е во Кавадарци каде во 8 часот се измерени 27 степени. Потоа следи Гевгелија со 26, па Демир Капија со 25 степени.
Во Скопје во осум часот УХМР измери 24 степени Целзиусови.
Ова утро најниска утринска температура е забележана во Берово и на Попова Шапка, 19 степени.
Денеска во Македонија ќе преовладува сончево и многу топло време, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Минималните температури ќе се движат од 14 до 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 35 до 40 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност и слаб до умерен северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 21 степен, а дневната ќе достигне 39 степени.
Според прогнозата на УХМР, многу топлото време ќе продолжи и во среда. Во четврток и петок, пак, на места се очекува нестабилно време со пороен дожд, засилен ветер и грмежи.
Од УХМР информираат дека повремено процесите ќе бидат поинтензивни и ќе имаат карактер на невреме, при што температурите ќе се намалат за неколку степени.

