„Уживајте во летото, создавајте убави спомени, но не заборавајте да се грижите за своето здравје“ – со оваа порака Институтот за јавно здравје денеска потсетува на важноста од заштитата од сексуално преносливи инфекции (СПИ).
Од ИЈЗ посочуваат дека СПИ најчесто се пренесуваат преку незаштитен вагинален, анален или орален сексуален контакт. Причинители можат да бидат бактерии, вируси и други микроорганизми.
Особено важно е што не секоја инфекција предизвикува веднаш забележливи симптоми. Тоа значи дека лице кое се чувствува здраво сепак може да има инфекција и да ја пренесе на сексуалниот партнер.
Нелекуваните СПИ можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, меѓу кои воспаленија на репродуктивните органи, нарушувања на плодноста, компликации во текот на бременоста, како и зголемен ризик од одредени видови карцином.
Од ИЈЗ нагласуваат дека редовното тестирање, навременото лекување и превенцијата се клучни за намалување на ризикот.
Како една од најважните мерки се издвојува правилната употреба на кондом при сексуални односи, која значително го намалува ризикот од повеќето СПИ. Редовно тестирање се препорачува особено за лицата кои имаат нов или повеќе сексуални партнери, како и во случаи кога постои сомневање за изложеност на инфекција.
ИЈЗ советува да се побара лекарска помош при појава на симптоми како необичен исцедок, печење при мокрење, болка во пределот на гениталиите или промени на кожата и слузниците.
Од Институтот предупредуваат и да не се земаат антибиотици или други лекови на своја рака. Неправилната терапија може да доведе до дополнителни компликации, но и до развој на отпорност кон лековите.
Важна улога во превенцијата има и вакцинацијата. Постојат ефикасни вакцини против ХПВ и хепатит Б, а од ИЈЗ препорачуваат и отворена комуникација меѓу партнерите и одговорно сексуално однесување.
„СПИ може да се случат секому. Навременото откривање, соодветното лекување и превентивните мерки се најдобрата заштита и за личното здравје и за здравјето на другите“, нагласуваат од Институтот.
Дополнителни информации за симптомите, можните компликации, начинот на пренесување и превенцијата од сексуално преносливи инфекции се достапни на веб-страницата на ИЈЗ.

