Според православниот календар, денеска се одбележува споменот на Светата маченичка Христина, која за својата вера пострадала во 3 век.
Света Христина била родум од градот Тир и била ќерка на царскиот намесник Урбан. Заради нејзината вонредна убавина, нејзиниот татко на единаесетгодишна возраст ја сместил во кула со сребрени и златни идоли.
Преку набљудување на природата и преку небесно провидение, таа дошла до вера во едниот Бог и ги искршила сите идоли во нејзините одаи, што предизвикало жестока реакција кај нејзиниот татко.
Откако ја извел на суд и ја предал на мачења, нејзиниот татко Урбан ненадејно починал истата ноќ во затворот пред да ја изврши пресудата. По него, мачењата ги продолжиле следните намесници, Дион и Јулијан.
За време на мачењата, според преданието, се случиле повеќе чуда и неочекувани настани, меѓу кои и ненадејната смрт на Дион и ослепувањето на Јулијан.
Мачеништвото на Света Христина завршило со погубување со меч.

