Општина Центар, во соработка со Црвениот крст и здружението ХЕРА, спроведува теренски активности за поддршка на граѓаните поради екстремно високите температури.
Од локалната самоуправа информираат дека се поставуваат инфо-штандови, се дели вода и се обезбедуваат бесплатни здравствени проверки за граѓаните.
„Општина Центар е на терен со конкретни мерки – делиме вода, поставуваме инфо-штандови и овозможуваме бесплатни здравствени проверки. Ги повикуваме сите граѓани да ги почитуваат препораките и да бидат одговорни кон себе и кон своите најблиски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Во текот на денешниот и утрешниот ден, инфо-штандови ќе бидат поставени кај Зелен пазар и на пазарот „Буњаковец“. Во соработка со ХЕРА, денеска од 8:30 до 11:00 часот кај Зелен пазар ќе се врши бесплатно мерење на крвен притисок.
Инфо-штанд ќе има и во петок пред маркетот „Тинекс“ на пазарот „Буњаковец“, во истиот термин, каде граѓаните ќе можат да добијат здравствени совети и проверки за заштита од високите температури.
Од Општина Центар велат дека продолжуваат да ги следат препораките на здравствените институции и ќе преземаат мерки за заштита и поддршка на граѓаните во периодот на топлотниот бран.

