На 6 август 2016 година Македонија ја погоди силно невреме проследено со обилни врнежи, грмежи и силен ветер. Наврнаа 93 литри дожд на метар квадратен за 24 часа, а првите два часа од невремето беа регистрирани повеќе од 800 молњи и громови.
Најголемото невреме што го погоди Скопје на 6 август 2016 година донесе трагедија и големи последици, но остави и приказни за човечност и храброст. Една од нив е приказната за Веле Богатиновски, човекот кој за време на силниот дожд стоел на скопската обиколница и ги предупредувал возачите да не продолжуваат по опасниот пат.
Граѓани кои се движеле кон Скопје сведочеле дека тој ги запирал автомобилите и ги пренасочувал кон побезбедни патишта, со што, според нив, помогнал да се спасат многу животи.
Веста тогаш ја сподели професорката од институтот за македонски јазик д-р Елка Јачева- Улчар.
„Почитувани ФБ-пријатели, благодарение на вашите споделувања дојдов до нашиот херој од вчера. Се вика Веле Богатиновски. До пред две години живеел во Tетовско, а последниве две години во Швајцарија. Му се јавив на телефон. Ми ја раскажа својата животна приказна која ќе ја задржам за себе. Единствено нешто што можам да кажам за него (а што го дознав од телефонскиот разговор) е дека се работи за благороден човек, кој своето постоење го сфаќа како мисија за помош и за доброто на секој човек, независно од вера, пол и политичко убедување. Не сака никаков публицитет што е уште една потврда за НЕГОВАТА ГОЛЕМИНА! Нека го следат само добрини во неговата мисија! На сите вас, уште еднаш многу ви благодарам!“- напиша д-р Елка Јачева- Улчар на Фејсбук во 2016.
Невремето предизвика големи поплави, материјална штета и човечки жртви. Според официјалните податоци, во Скопскиот регион животот го загубија 22 лица, а најголем дел од нив биле возрасни граѓани, меѓу кои и болни и изнемоштени лица. Најмладата жртва беше двегодишно дете.
На скопските клиники беа примени 22 повредени лица, а во текот на ноќта по невремето повеќе од 1.000 граѓани беа евакуирани. Голем број жители останаа без домови, а поплавите предизвикаа сериозни оштетувања на инфраструктурата и имотите.
По невремето, граѓаните се организираа преку социјалните мрежи и формираа пунктови за собирање и дистрибуција на помош за погодените семејства. Владата прогласи кризна состојба во Скопскиот и Тетовскиот регион во траење од 15 дена, а 8 август 2016 година беше прогласен за Ден на жалост на целата територија на државата.
Неколку дена по поплавите започнаа активности за расчистување и дезинфекција на домовите погодени од водата.
Скопскиот регион и денес го памети 6 август 2016 година како еден од најтешките денови во поновата историја, кога за само неколку часа силното невреме остави трајни последици врз илјадници граѓани.

