Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека, на барање на македонската дијаспора, е воспоставена директна авионска линија Женева – Скопје.
Николоски ова го соопшти по партискиот настан во Ново Село, организиран од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, каде што се сретна со претставници на дијаспората, како и со членови и симпатизери на партијата.
„Прекрасна енергија во Ново Село! Вечерва на покана на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ново Село имавме прекрасен настан, полн со позитивна енергија и патриотизам. Се сретнавме со нашинците од дијаспората и сите оние симпатизери и членови на ВМРО-ДПМНЕ со кои изминатите години заедно работевме на подобрување на животот во Македонија. Токму на барање на дијаспората отворивме директна линија Женева – Скопје. Лет кој многу го користи дијаспората и со кој почесто и полесно се враќаат во Македонија“, објави Николоски на Фејсбук.
Тој најави и дека се работи на проектот за изградба на експресниот пат Радовиш – Струмица – Ново Село.
„Уште еден значаен инфраструктурен проект кој ќе го подобри животот на жителите од овој регион. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, обединета и силна!“, додаде Николоски.

