Недоволните човечки капацитети, слабостите во законската регулатива и нискиот фискален напор ја ограничуваат способноста на општините за ефикасно управување со локалните приходи, покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР) за периодот од 2020 до 2024 година.
Ревизијата ја опфатила ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци, а заклучокот е дека постојните механизми не обезбедуваат доволно ефикасна наплата.
Според наодите на ДЗР, општините во анализираниот период имале акумулирани ненаплатени побарувања од 2,93 милијарди денари по основ на даноци, такси и надоместоци, додека биле отпишани побарувања во вредност од 233,9 милиони денари. Најголем дел од долгот се однесува на данокот на имот, каде ненаплатените средства достигнуваат 1,73 милијарди денари, а 67 проценти од нив се постари од пет години.
Ревизорите утврдиле дека законската рамка има повеќе недостатоци – регистрите на недвижности не се ажурираат редовно, не се јасно дефинирани роковите и начинот на достава на даночните решенија, а постојат и ограничувања при утврдување на реалната пазарна вредност на имотот.
Проблем претставува и застарената методологија за проценка на вредноста на објектите, која не ги следи современите видови градба и пазарните услови. Само 15 општини извршиле ревизија на пазарната вредност на имотот.
Во делот на комуналните такси, ДЗР констатира дека во повеќе општини тие се наплатуваат без издадени решенија и без целосни регистри на обврзници. Од осумте законски предвидени комунални такси, само три се администрираат во повеќе од половина од општините.
Дополнителни пречки се недостигот на кадар, неповрзаните софтверски системи, нецелосните регистри и недоволниот број проценители. Според ревизијата, дел од општинските софтвери не овозможуваат детално следење на наплатата по години, што го отежнува финансиското управување.
Во однос на надоместокот за уредување на градежното земјиште, 14 општини имаат неплатени побарувања од 826,4 милиони денари, што се должи на различни практики при одобрување на плаќање на рати и недоволно обезбедување на побарувањата.
ДЗР посочува дека руралните општини генерално имаат послаб фискален капацитет во споредба со урбаните, со исклучок на неколку општини како Петровец, Илинден и Чучер Сандево.
Ревизорите укажуваат и на слаб инспекциски надзор – на ниво на државата има само еден инспектор од Управата за јавни приходи за оваа област и 16 општински даночни инспектори, кои немаат можност за изрекување глоби.
ДЗР препорачува измени на законската регулатива, подобрување на регистрите, осовременување на методологиите, зајакнување на кадровските капацитети и подобра координација меѓу институциите со цел зголемување на наплатата и финансиска стабилност на општините.

