Претседателката на Индија, Друпади Мурму, денеска ја продолжува официјалната посета на Северна Македонија. Заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе присуствуваат на церемонијата на откривање биста на Махатма Ганди и ќе имаат обраќања.
По настанот во Скопје, двете претседателки ќе заминат за Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и повеќе цркви и манастири во старото градско јадро.
На првиот ден од посетата, Мурму, придружувана од владина и бизнис-делегација, во Вила Водно оствари средба со Сиљановска-Давкова. Двете претседателки ја потврдија заемната почит, пријателските односи и заедничката определба за унапредување на билатералната соработка.
Сиљановска-Давкова изјави дека е изразена заедничка решеност односите меѓу двете земји да се подигнат на повисоко ниво, со поинтензивен политички дијалог и почести контакти меѓу владите, парламентите и институциите. Како области со најголем потенцијал за соработка ги посочи автомобилската и фармацевтската индустрија, здравството, информатичките технологии, обновливите извори на енергија, земјоделството, прехранбената индустрија, машинството, логистиката и напредното производство.
Индиската претседателка оцени дека посетата ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете држави и ќе придонесе за зајакнување на партнерството. Таа истакна дека заедничка цел е проширување на трговијата, зголемување на инвестициите и продлабочување на соработката меѓу компаниите од двете земји.
Мурму нагласи дека е постигната согласност билатералната трговска размена да се удвои, а како приоритетни области ги наведе информатичките технологии, земјоделството, прехранбената индустрија, фармацијата, туризмот, угостителството и аудиовизуелните уметности. Таа посочи и дека ќе се интензивира соработката во здравството, со посебен акцент на промоцијата на традиционалната медицина.
Во рамки на посетата вчера беше одржан и Македонско-индиски бизнис форум, на кој беа презентирани можностите за инвестирање во земјава. Од форумот беше испратена порака дека трговската размена меѓу Северна Македонија и Индија треба во наредните пет години да достигне најмалку 400 милиони американски долари.
Претседателот на Здружените стопански и индустриски комори на Индија (ASSOCHAM), Нирмал Кумар Минда, истакна дека Индија располага со силна дигитална инфраструктура, динамичен инвестициски екосистем и млада работна сила, додека Северна Македонија нуди стратешка географска положба, квалификуван кадар и пристап до европскиот пазар, што ја прави привлечна дестинација за индиските компании.
Ова е прва официјална посета на претседател на Индија на Северна Македонија.

