Close Menu
Press24
    Најново

    Нови апсења во случајот „Државна лотарија“ – падна финансиска директорка

    05.10.2026 во 13:31

    РКЕ одлучи: Од полноќ поевтинуваат и бензинот и дизелот

    05.10.2026 во 12:35

    Нема потреба од 5 верски празници – газдите бараат да се скратат 3 неработни денови

    05.10.2026 во 13:44
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • ФЗО го скрати боледувањето од матичен лекар на пет дена
    • МПЦ против кратење на празниците – празникот не е само слободен ден
    • Јаневска: сите реформи се итни – работиме на подобрување на квалитетот на образованието и усогласување со пазарот на труд
    • ГАЛЕРИЈА: Пред 2-3 дена се вселија а веќе почнаа да го уништуваат новиот студентски дом Стив Наумов
    • Старец прегазен и усмртен на Градско-Велес, полицијата трага по возачот
    • Андоновски: Државата, граѓаните и компаниите мора заедно да го чекорат патот на дигиталната трансформација
    • Приведен тинејџер: Се заканувал на полицаец преку социјални мрежи
    • Радев бесен: Напад со дронови во Бугарија – еден брод потонал друг се запалил
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Уставниот суд не поведе постапка за одредбите од Изборниот законик

    Уставниот суд не поведе постапка за одредбите од Изборниот законик

    23.09.2026 во 19:104 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Уставниот суд денеска не поведе постапка за оценување оспорени одредби од Изборниот законик, а укина повеќе одредби од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, со одложено дејство до 1 јануари 2027 година – соопшти претседателот на судот Дарко Костадиновски по денешната седница.

    Во однос на Изборниот законик, тој рече дека мнозинството судии останале на ставот дека станува збор за веќе пресудена работа бидејќи истите одредби биле предмет на уставно-судска оцена и во минатото.

    – Судот не поведе постапка. Некои од судиите останаа конзистентни на претходно заземениот став дека станува збор за res judicata, односно пресудена работа – истакна Костадиновски.

    Истовремено од Судот информираа дека:

    „Не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 75-ѓ став 1 и став 12, член 76-д став 5 и член 78-а став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 33/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021, 58/2024 и 76/2024).

    Мнозинството судии го имаше предвид фактот дека Уставниот суд веќе одлучувал по однос на оспорените одредби, како  и прашањето дали постојат околности што би можеле да бидат основ за поинакво одлучување.

    Судот со мнозинство гласови одлучи да не ги прифати иницијативите и да не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби“, се наведува во соопштението на Судот.

    Тој лично сметал оти оспорените одредби од Изборниот законик се неуставни и дека создаваат нееднакви услови за политичките субјекти, но мнозинството судии останале на претходно заземениот став дека за ова прашање веќе е одлучувано.

    Костадиновски потсети дека уште пред три години издвоил мислење во кое навел дека спорните одредби ги нарушуваат политичкиот плурализам и еднаквоста на политичките субјекти во изборниот процес.

    – По мое длабоко убедување, овие законски решенија не создаваат фер и еднакви услови за сите учесници во изборната трка. Плурализмот не завршува со денот на изборите. Тој подразбира еднакви услови за сите политички субјекти што учествуваат во демократскиот натпревар – појасни претседателот на судот.

    Како спорен го оцени и критериумот според кој се распределуваат буџетските средства за финансирање на политичките партии врз основа на резултатите од претходните избори.

    – Ако меѓу два изборни циклуси се формира нова политичка партија, таа практично нема можност да добие средства според постојниот модел. Со тоа почнува од значително понеповолна позиција во однос на другите учесници, а тоа отвора прашања за еднаквоста на изборниот натпревар – истакна Костадиновски и нагласи дека неговиот став останува непроменет во однос на издвоеното мислење што го дал пред три години.

    Мнозинството судии се повикале на одлуката на Уставниот суд од 2023 година донесена по иницијатива на лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, кога било оценето дека распределбата на средствата за политичко рекламирање и медиумски простор според резултатите од претходните избори е уставна. Судот тогаш заклучил дека освоените гласови се објективен критериум и дека законодавецот има право да ги утврдува правилата за медиумско претставување на политичките партии.

    Уставниот суд на седницата донел и одлука со која укинал делови од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, што се однесуваат на финансирањето на Академијата од судскиот буџет, како и на статусното и материјалното изедначување на директорот и заменик-директорот со претседателот на Врховниот суд.

    Судот одлучил овие одлуки да стапат во сила од 1 јануари 2027 година со цел да му остави време на законодавецот да ги усогласи спорните прашања во новото законско решение што се подготвува.

    На седницата бил разгледан и Законот за здравствената заштита, при што судот едногласно не повел постапка по иницијативата што се однесувала на дополнителната дејност на лекарите од јавниот здравствен систем.

    Костадиновски образложи дека судот оценил оти постојното решение е во функција на заштита на јавниот здравствен систем и пристапот на граѓаните до здравствени услуги.

    – На сите општо позната ни е состојбата во јавниот здравствен сектор. Наједноставно кажано, доколку одреден тип на доктори не може да даваат услуги во други градови, граѓаните на тие други градови ќе бидат принудени да бараат здравствена заштита во приватните здравствени установи, со што се изложуваат на многу зголемени трошоци и тоа е еден од аспектите што го гледавме – истакна претседателот на судот.

    Меѓу другото, судот донел одлуки и во предмети поврзани со Законот за катастар на недвижностите, Законот за адвокатурата и Законот за минералните суровини.

    Костадиновски информира и дека предметот што се однесува на платите на јавните обвинители е повлечен од денешната седница на барање на судијата известител поради дополнителна доработка на материјалот и ќе биде разгледуван на некоја од наредните седници. 

    Прочитај повеќе

    ФЗО го скрати боледувањето од матичен лекар на пет дена

    06.10.2026 во 14:11

    МПЦ против кратење на празниците – празникот не е само слободен ден

    06.10.2026 во 14:04
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.