Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика огромен број повици до Единствениот број за итни случаи 112. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека во периодот од 17:00 до 21:00 часот биле примени повеќе од 8.300 повици од граѓани.
Како што соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али, операторите на бројот 112 работат со полн капацитет, а поради наглиот пораст на повици уште во првиот час биле ангажирани и дополнителни смени.
„И во моментов сè уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите примени пријави континуирано се процесуираат и се проследуваат до надлежните институции и служби“, наведуваат од ЦУК.
Од Центарот апелираат до граѓаните за трпение и разбирање поради исклучително големиот број повици. Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со бројот 112, материјалните штети можат да ги пријават и во текот на утрешниот ден, кога пријавите ќе бидат евидентирани и доставени до надлежните служби за понатамошно постапување.
Надлежните институции и понатаму ја следат состојбата на терен и постапуваат по пријавите поврзани со последиците од невремето.

