Седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, која беше закажана за денеска, беше прекината по констатирањето на дневниот ред поради отсуство на владин претставник кој требаше да ја образложи единствената точка.
На дневен ред беше Предлог-одлуката за продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Претседателот на Комисијата, Павле Арсоски, информираше дека членовите дополнително ќе бидат известени за продолжението на седницата.
Владата на 17 јули донесе одлука за продолжување на кризната состојба, со која рокот на важење се продолжува од 21 јули до 20 октомври.
Од Владата информираа дека целта е да се обезбеди механизам за навремено реагирање во случај на нарушувања во снабдувањето или значителни ценовни промени на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.
„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството“, соопштија од владината прес-служба.

