Најновиот Извештај на Европската комисија за владеењето на правото според опозициската СДСМ е директна потврда за партиските притисоци врз правосудниот систем во земјава. Од партијата преку официјално соопштение реагираат дека Брисел јасно ги лоцирал системските влијанија врз судиите и обвинителите кои доаѓаат директно од највисоките структури на актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски.
Според партиските наводи на социјалдемократите, наодите од Брисел не претставуваат само обична или генерална забелешка, туку сериозна дијагноза за падот на правосудството. Опозицијата алармира дека со ваквите чекори и со спорните измени во Кривичниот законик свесно се отвора пат кон неказнивост на криминалот, што директно го загрозува напредокот и евроинтегративниот пат на Македонија.
Како што посочуваат во нивната реакција, наместо реформи и независност кои се клучни за влез во Европската унија, јавноста во моментов сведочи на селективна правда и обиди за воспоставување на политичка контрола врз клучните државни институции.
Во продолжение е интегралниот текст од партиското соопштение на СДСМ:
„Европската комисија го потврди она што го зборува СДСМ со месеци, – Христијан Мицкоски и ВМРО вршат системски притисок врз судството и обвинителството а корупцијата е неказнива. Европската комисија во својот најнов Извештај за владеење на правото јасно и недвосмислено нотира мешање и притисок врз судството и обвинителството од страна на претставници на власта, оценува СДСМ во соопштение што МИА го пренесува интегрално. Ова не е општа забелешка, ова е директна и сериозна дијагноза на состојбата во која се наоѓа правосудниот систем во Македонија. Комисијата предупредува дека измените на Кривичниот законик повторно создаваат простор за неказнивост, дека постои политичко влијание врз постапките на судиите и обвинителите и дека независноста на правосудството е сериозно загрозена.“
Критики за блокирање на европскиот пат на земјата
Од опозициската партија во својот допис потенцираат дека однесувањето на владејачкото мнозинство е во директен судир со критериумите и стандардите кои ги наметнува Брисел во поглавјата за владеење на правото.
„Ова се случува во момент кога Македонија треба да ги исполнува најстрогите стандарди за владеење на правото доколку сака да продолжи кон Европската унија. Она што Европската комисија го забележува како системски проблем е токму резултат на политиката која ја води Христијан Мицкоски и организираната криминална група ВМРО. Наместо независно судство и обвинителство, граѓаните добиваат политичка контрола врз институциите, селективна правда и заштита на криминалот на власта.“
Повик за свест и одговорност
На крајот од своето соопштение, СДСМ испраќа порака до пошироката јавност, повикувајќи на итна одговорност и запирање на досегашните лоши практики со цел да се заштити европската иднина на државата.
„Европската комисија јасно порачува дека без вистинска независност на правосудството нема напредок кон ЕУ. Мицкоски и ВМРО, наместо да ги спроведуваат реформите, продолжуваат со истата практика на притисок и контрола која ја имаа и во минатото. Граѓаните на Македонија не смеат да дозволат правдата да биде во рацете на оние кои ја штитат криминалната мрежа. Време е за одговорност. Време е за независно судство. Време е за Европа.“

