Close Menu
Press24
    Најново

    Запленети 200.000 лажни кинески кондоми ширум Европа

    08.07.2026 во 12:42

    Објавени се првичните причини за смртта на 24-годишната девојка од Македонија во стан во Солун

    08.07.2026 во 12:23

    Проширена Европа значи посилно НАТО

    08.07.2026 во 12:21
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Запленети 200.000 лажни кинески кондоми ширум Европа
    • Објавени се првичните причини за смртта на 24-годишната девојка од Македонија во стан во Солун
    • Проширена Европа значи посилно НАТО
    • Трамп од Анкара: Примирјето со Иран е завршено, тие се „џган“ и „лудаци“
    • Скок од мост во поплава
    • Иванов: Македонија станува клучна транспортна крстосница, интензивно се работи на автопатите и експресните патишта
    • Манасиевски: СДС, Левица и ДУИ нека се договорат меѓу себе што сакаат од Изборниот законик
    • Подгответе се за пресврти со времето: УХМР со временска најава до крај на неделата
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Лазар Еленовски: Ако цената за ЕУ е „висока“, тогаш чесно е на народот да му се каже не чекајте ЕУ следните години

    Лазар Еленовски: Ако цената за ЕУ е „висока“, тогаш чесно е на народот да му се каже не чекајте ЕУ следните години

    08.07.2026 во 10:22Updated:08.07.2026 во 12:4713 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    „Ние имаме тренд на опаѓање на популарноста на владата што значи зголемено опозиционо расположение кај граѓаните, но главен проблем е што на страната на опозицијата нема организирана структура која ќе може да понуди релевантна платформа за нејзино обединување во борбата против власта“, вели во интервју за Прес 24, Лазе Еленовски, поранешен амбасадор и поранешен министер за одбрана.

    Тој оценува дека опозицијата е расцепкана, неефикасна, а двете најголеми партии СДСМ и ДУИ кои беа власт во претходниот мандат од повеќе причини се без кредибилитет. Таквата состојба во опозицијата, вели ја прави комотна позицијата на власта, а со тоа тие стануваат уште понеодговорни и корумпирани.

    -Токму се поголемото опозиционо расположение во државата покажува дека опозицијата има потенцијал да се организира, но клучна дилема е дали има капацитет да го направи тоа. Ако двете најголеми условно кажано опозициони партии се спорни во нивното дејствување, СДСМ остане нереформиран, а исто така и ДУИ кои никако да се навикнат дека се опозиција, продолжуваат клиентелистички да се настроени наместо да се дел од вкупната опозиција во државата, тогаш патот за реорганизирање на опозицијата ќе биде потежок. Но како што водата секогаш го наоѓа својот пат, убеден сум дека и македонската демократија ќе го најде својот пат преку нови форми на политичко здружување и организирање, вели Еленовски во Интервјуто.

    Во поглед на евринтеграциите вели дека Владата има тешка задача со т.н. „француски предлог“ и тоа никој не го спори, оценувајќи дека таа преговарачка рамка со ЕУ беше донесена без транспарентност и без консултации и вклучување на опозицијата.

    -Но, факт е дека тоа е сега нашата преговарачка рамка и ЕУ нема да ја смени. Ние сме тие кои треба да најдеме решение. Ако власта навистина сака членство во ЕУ, да не продолжи праксата на иселување, вадење на бугарски пасоши, а наскоро можеби и црногорски и албански, мора да го реши овој проблем. Власта мора да работи со опозицијата, со бизнисот, со невладиниот сектор и медиумите. И ако се утврди после тој процес на консултации дека сметаме дека нам не ни треба ЕУ по оваа „висока“ цена со „Бугари во Устав“, тогаш чесно е да се излезе и да се каже за граѓаните да знаат дека следните години да не очекуваат членство во Европска унија. Затоа сметам дека клучното прашање е дали имаме политичари кои имаат елементарна политичка визија, лидерство и храброст за да изодат тежок пат и да мислат за државата за следните децении, или пак по линија на помал отпор сакаат без многу бранување да си поминат еден условно речено мирен, а богат мандат, вели Лазе Еленовски во интервјуто за Прес 24.

    ПРЕС 24:  Пред извесно време имавте едно отворено писмо до Владата, до Премиерот. Лоциравте неколку точки, кои според Вас се причина што нема резултати. Две години од смената на власта во државата, што е променето?

    ЕЛЕНОВСКИ: За жал, ништо не е сменето. Партиите на власт кои добија голема поддршка од граѓаните на парламентарните избори во 2024 година и со тоа формираа стабилна влада со значајно мнозинство, за да ја сменат сивата реалност во државата, донесат нова надеж, развој и перспектива за граѓаните, целосно разочараа. Како што заклучувам во писмото од 11 мај оваа година, наместо темелно да ги менуваат работите, да покажат капацитет и волја за трансформација и промени како што ветуваа, се вградија многу брзо во партиско-коруптивниот систем кој владее во државата и владеат преку популизам, партизација, тендери, многу слаб кадровски капацитет и слично. Разочарувањето на граѓаните е очигледно и многу јасно го видовме по минатогодишните локални избори кога партиите на власт, пред се ВМРО-ДПМНЕ изгубија преку 100 000 гласови. Тој тренд продолжува до денес. 

    ПРЕС 24: Во 2024 година можеа да се исцртаат две клучни линии на тогашната опозиција, сега власт. Една беше борба против корупцијата, главен таргет во кампањата беше ДУИ. И втората евроинтеграциите и спорот со Бугарија, односно Францускиот компромис. Прво околу корупцијата. Реално денес ДУИ е развластена, а имаше и неколку судско-обвинителски процеси. Во тој домен се чини дека на власта сепак треба да и се стави еден плус во оценката, или?

    ЕЛЕНОВСКИ: Ако главниот протагонист на ДУИ, прв вицепремиер во претходната влада и лице на американската црна листа Артан Груби, ви избега преку граница, биде една година во бегство, после тоа сам се појави на граница и се предаде во холивудски стил, за после да му овозможите наместо во затвор да биде во куќен притвор поради препораката на безбедносните служби на власта дека му е загрозен животот, воопшто не сум сигурен во позитивната оценка. Напротив, ако после пет месеци од филмското предавање се уште „истрагата е во тек“ и не гледаме активно обвинение, почнат судски процес, па дури и во медиумите ретко кој ја отвора темата за предметот кој толку помпезно се најавуваше како еден од главните во битката против високата корупција, не само кај мене туку и кај пошироката јавност се јавуваат сомнежи за директно соучество на власта во случаите на висока корупција.

    Уште повеќе доказ за таков сомнеж е дека власта потроши цели две години во убедување на јавноста преку безбројни прес конференции и соопштенија за криминалите на Заев и Филипче, а како што гледаме нема ниту една активна истрага, обвинение, процес, судење во кои се опфатени истите. Едноставно кажано, нивната борба со корупцијата во државата која ветуваа дека ќе биде нивен главен приоритет заврши во нивно соучесништво во висока корупција со цел за нивно одржување на власт, а на штета на граѓаните и воспоставувањето на ред и правда во државата.

    ПРЕС 24: На втората тема, Евроинтеграциите исто власта се покажа жилава, тврда. Еве две години стои на ставот дека нема преговори без гаранции. Е сега овде некои ќе стават плус, некои минус. Вие како ќе ја оцените владата овде?

    ЕЛЕНОВСКИ: Вистинската дилема е дали власта сака Македонија да биде членка на Европската унија – цел за која со децении велиме дека имаме национален консензус и е една од двете клучни стратешки цели на надворешната политика, од која другата беше членството во НАТО.

    Да не заборавиме дека една од клучните реформи која ќе се бара од нас е вистинска борба со криминалот и корупцијата, правосудни реформи и вистинска, а не фингирана отчетност на владејачките структури. Кога влегувате во процес за членство во ЕУ, повеќе не може произволно да се носат закони, правила и стандарди, да нема транспарентност како се троши буџетот, туку мора да имате план и подготвеност за тоа кои се целите на државата и што треба да се подобри во општеството.

    Владата има тешка задача со т.н. „француски предлог“ и тоа никој не го спори. Таа преговарачка рамка со ЕУ беше донесена без транспарентност и без консултации и вклучување на опозицијата. Но, факт е дека тоа е сега нашата преговарачка рамка и ЕУ нема да ја смени. Ние сме тие кои треба да најдеме решение. Ако власта навистина сака членство во ЕУ, да не продолжи праксата на иселување, вадење на бугарски пасоши, а наскоро можеби и црногорски и албански, мора да го реши овој проблем. Власта мора да работи со опозицијата, со бизнисот, со невладиниот сектор и медиумите. И ако се утврди после тој процес на консултации дека сметаме дека нам не ни треба ЕУ по оваа „висока“ цена со „Бугари во Устав“, тогаш чесно е да се излезе и да се каже за граѓаните да знаат дека следните години да не очекуваат членство во Европска унија. Затоа сметам дека клучното прашање е дали имаме политичари кои имаат елементарна политичка визија, лидерство и храброст за да изодат тежок пат и да мислат за државата за следните децении, или пак по линија на помал отпор сакаат без многу бранување да си поминат еден условно речено мирен, а богат мандат.

    ПРЕС 24: Вие долги години сте во Брисел. Претпоставувам имате контакти со тамошните структури на ЕУ, бевте и амбасадор. Од аспект на македонската позиција, разбираат ли во Брисел, во ЕУ, што Македонија сака?

    ЕЛЕНОВСКИ: Европската Унија во моментов има толку многу проблеми од политички, демократски, економски и пред се од безбедносен аспект што може да се констатира дека се наоѓа во најголемата криза од нејзиното основање. Македонија во вакви сложени околности не е на нивната агенда. Дополнително, тоа што го очекуваат во Брисел е Македонија да го испорача тоа што го договорила и потпишала со ЕУ, а тоа е да го затвори процесот на почеток на преговорите со носење на уставните измени. Сите нивни претставници тоа го кажуваат во последните две години, на кое нашата влада се прави глува и ја манипулира јавноста со наводни алтернативни решенија. Нив не ги интересира која влада го потпишала договорот дали оваа или претходната. 

    Големата стратешка грешка што ја направи претходната влада бидејќи прифати билатералниот проблем со Бугарија да стане дел од нашите односи со ЕУ и да стане услов за преговарачкиот процес е проблем за нас, не за ЕУ. Тие едноставно бараат тоа што сме го прифатиле да го спроведеме. Колку беше тоа неодговорно тогаш, толку е сега неодговорно сегашната влада да не понуди решенија за да го придвижи процесот, бидејќи тоа е нејзина основна задача за што добиле поддршка од граѓаните. Тие не добија поддршка да го закочат процесот на евроинтеграција и да ја кријат својата неспособност и лажен патриотизам позади најразлични „домашни и надворешни непријатели“ што ги измислуваат.

    ПРЕС 24: Ако се погледне состојбата во Западен Балкан и евроинтегративниот процес, дали Македонија ќе го порпушти последниот сигурен воз на пат кон Брисел?

    ЕЛЕНОВСКИ: Сигурен воз не постои за никого, но како човек кој секогаш верувал и работел на регионалната соработка и интеграција сметам дека подобро ќе беше кон оваа стратешка цел да одевме повеќе држави од регионот заедно во група, значи во еден воз во поголема композиција. Нешто слично како што имавме на нашиот пат кон НАТО кога бевме во Јадранската група со Хрватска и Албанија. Но за жал тоа не се случи и сега јасно е по се што се случуваше во последните 20 години дека црногорскиот воз се наоѓа најблиску до бриселската станица, по што следува албанскиот воз. Нашиот македонски воз се наоѓа заглавен на некој балкански перон, иако го започна својот пат кон Брисел многу порано отколку останатите. 

    Јас останувам убеден во европската иднина на државата, оптимист дека Македонија заслужува членство во ЕУ, ние припаѓаме на Европа и немаме друга опција. Нашата најголема трговска размена е со ЕУ, нашите студенти заминуваат на студии во ЕУ, нашите научници, уметници, работници одат на специјализации, работа, истражувања во ЕУ, нашите бизнисмени најмногу соработуваат со ЕУ, вложуваат во недвижен имот и бизниси во ЕУ, а ако погледнете кои се нашите најголеми странски инвеститори и од каде доаѓаат најголемите фондови за развој на државата, јасно е дека нашата иднина е ЕУ.

    ПРЕС 24: Има ли според Вас решение за оваа ситуација?

    ЕЛЕНОВСКИ: Решение во принцип мора секогаш да има. Но, за жал ние во континуитет се соочуваме со неодговорни влади кои ги прокоцкаа шансите на државата што од незнаење, што од корумпираност само за да останат на власт, жртвувајќи ја државата, иако редовно не убедуваат дека тие најмногу ја сакаат Македонија. Јас и во минатото сум тврдел дека за исполнување на стратешките цели на државата мора да изградиме национален консензус бидејќи само така може да стигнеме до целта. Тоа се покажува точно имајќи предвид дека и оваа власт како опозиција повикуваше за национален консензус за македонската евроинтеграција. Но, откако ја презеде власта, како што гледаме нема процес за создавање на национален консензус и дијалог со опозицијата и јавноста за евроинтеграциите, туку се прави истото што го правеше и претходната влада – носење на одлуки во тесни кругови кои долгорочно негативно влијаат на граѓаните на Македонија, без консултација со останатите клучни општествени чинители во процесот. Резултатот е идентичен, ние продолжуваме да тапкаме во место веќе 20 години додека другите не поминаа. Затоа е најдобро власта да се свести и да отвори дебата во јавноста посебно со опозицијата и останатите чинители со цел да се изгради една стабилна стратегија базирана на националниот консензус. Друг пат нема како што се виде и до сега. Оптимист сум ако го направиме ова релативно брзо и искрено дека ќе можеме дури и да го фатиме приклучокот со партнерите од регионот кои отидоа пред нас во процесот. 

    ПРЕС 24: Како и да се оценува власта на половина од мандатот, сепак висок е процентот на незадоволство кај гласачите, особено кај дел кои ја поддржа оваа влада пред две години. Но овде се поставува клучното прашање, зошто тоа незадоволство не се акомулира на контото на опозицијата?

    ЕЛЕНОВСКИ: Се согласувам со вашата констатација. Ние имаме тренд на опаѓање на популарноста на владата што значи зголемено опозиционо расположение кај граѓаните, но главен проблем е што на страната на опозицијата нема организирана структура која ќе може да понуди релевантна платформа за нејзино обединување во борбата против власта. Опозицијата е расцепкана, неефикасна, а двете најголеми партии СДСМ и ДУИ кои беа власт во претходниот мандат од повеќе причини се без кредибилитет. Тоа не доведува во ситуација да најавтентична опозициона партија во моментот е Левица и потоа следуваат бројни мали партии и независни листи кои освоија гласови на последните локални избори, но кои се расфрлени на политичкиот пејсаж без никаква посебна функција. Таа состојба во опозицијата ја прави комотна позицијата на власта, а со тоа тие стануваат уште понеодговорни и корумпирани.

    ПРЕС 24: Одработува ли СДСМ за власта?

    ЕЛЕНОВСКИ: Овој и ваков нереформиран СДСМ дефинитивно одработува за власта. Пред Конгресот на СДСМ минатиот месец напишав текст во кој повикав ако навистина СДСМ сака да биде опозиција на оваа власт треба под итно да се реформира, а прв чекор за тоа е да прогласат вонредна состојба во партијата. Денес за жал СДСМ од државотворна партија е сведена на тоа да биде партија во заложништво на личните интереси на Зоран Заев во која основачот на Фондацијата Заев ја извршува фунцијата претседател на СДСМ.

    ПРЕС 24: Има ли потенцијал опозицијата да се реорганизира, дали СДСМ е клучната партија околу која може да се собере незадоволното гласачко тело, или на подолг рок ќе се чека некоја друга политичка сила?

    ЕЛЕНОВСКИ: Токму се поголемото опозиционо расположение во државата покажува дека опозицијата има потенцијал да се организира, но клучна дилема е дали има капацитет да го направи тоа. Ако двете најголеми условно кажано опозициони партии се спорни во нивното дејствување, СДСМ остане нереформиран, а исто така и ДУИ кои никако да се навикнат дека се опозиција, продолжуваат клиентелистички да се настроени наместо да се дел од вкупната опозиција во државата, тогаш патот за реорганизирање на опозицијата ќе биде потежок. Но како што водата секогаш го наоѓа својот пат, убеден сум дека и македонската демократија ќе го најде својот пат преку нови форми на политичко здружување и организирање. Тие ќе го пополнат очигледниот политички вакум помеѓу се поголемото опозициско расположение од неспособноста на власта и создавањето организирана структура на опозицијата чија должност е да се соочи со секоја власт која се отуѓила од своите граѓани и ги нарушила стандардите на функционирање на една демократска европска држава каква што сакаме да бидеме.

    Прочитај повеќе

    Андреја Стојковски: Најголемата гаранција што Македонија може да ја има останува сопствениот успех

    08.06.2026 во 10:29

    Отец Јаков: Не нè плаши нас вештачката интелигенција, нас нè плаши компромитираноста на овој свет, кој „во зло лежи“

    19.04.2026 во 10:32
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.