Во последните години поимот „одржливост“ стана еден од најчесто употребуваните во светската економија, но зад него стои многу повеќе од регулативи и стандарди, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на форумот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.
Тој истакна дека станува збор за суштинска промена во начинот на функционирање на економијата, каде успешни не се само компаниите што произведуваат квалитетни производи, туку и оние што одговорно управуваат со ресурсите, инвестираат во човечкиот капитал и градат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите.
Мицкоски нагласи дека одржливиот развој не се однесува само на екологија и усогласување со европските стандарди, туку на поширок модел на економија што создава сигурност, отпорност на кризи и стабилни институции.
„Зборуваме за стопанство кое може да се натпреварува на најразвиените пазари и за економија која им овозможува на младите да ја градат својата иднина дома“, рече премиерот, додавајќи дека глобалните кризи како војните, енергетската криза, инфлацијата и нарушените синџири на снабдување покажале дека економската стабилност повеќе не е гарантирана.
Според него, во вакви услови одржливоста станува предуслов за конкурентност, а компаниите што ќе инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација и иновации ќе бидат двигатели на идниот економски развој.
Тој нагласи дека Владата ја гледа својата улога како партнер на стопанството, со цел создавање предвидлива деловна клима, модерна инфраструктура, ефикасни институции и регулаторна рамка што ги поттикнува инвестициите.
Мицкоски посочи дека економските резултати не се само статистика, туку реални ефекти врз животот на граѓаните, преку нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард.
Тој истакна дека економскиот раст во последните години покажува позитивна динамика, од 3 отсто во 2024 година и 3,5 отсто во 2025 година, како и значително намалување на инфлацијата во однос на 2022 година, кога достигна 14,2 отсто.
На настанот, организиран од Канцеларијата на ОН во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, обраќања имаа и евроамбасадорот Михалис Рокас, министерот Тимчо Муцунски, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и постојаната координаторка на ОН Рита Колумбија.

