Грција во понеделник ја започна првата европска програма за финансиски стимулации за риболов на инвазивната сребрена пуферска риба, позната како зајачка риба (Lagocephalus sceleratus), која претставува сериозна закана за морските екосистеми, рибарството и здравјето.
Програмата првично ќе се спроведува во регионите на Крит и Јужен Егеј, а е финансирана од европски средства, при што рибарите ќе бидат платени по 5,33 евра за секој килограм улов од вкупниот буџет кој изнесува 1,5 милиони евра.
Генералниот секретар на грчкото Министерство за земјоделство, Спирос Протопсалтис, изјави дека регионите што први ќе аплицираат ќе можат најбрзо да започнат со спроведување на програмата. По уловот, локалните власти ќе го организираат складирањето во ладилни услови и согорувањето во специјализирани објекти.
Сличен систем веќе е воведен и на Кипар, каде што рибарите добиваат 4,73 евра по килограм уловена зајачка риба.
Овој вид потекнува од Црвеното Море, а неговото ширење во Грција се поврзува со затоплувањето на морињата. Покрај тоа што ги уништува мрежите со силните заби, неговото месо содржи тетродотоксин, кој може да биде фатален ако се проголта.
Мерката е дел од националниот план изготвен во 2024 година од страна на Хеленскиот центар за морски истражувања (ЕЛКЕТЕ). Претставниците на надлежните министерства ќе разговараат за понатамошните чекори на состанокот закажан за 1 јули.
Во меѓувреме, Грчкиот Црвен крст издаде препораки за дејствување во случај на каснување од оваа риба и ги предупреди граѓаните за опасноста од нејзиното отровно месо.
Наспроти ова, властите и туристичкиот сектор на Крит апелираа до јавноста да не шири паника во јавноста.
„присуството на зајачката риба во Средоземното Море е познато со години и дека таа не претставува опасност за капачите.“
За потсетување, вчера беше регистриран инцидент во грчкото одморалиште Пефкохори кога зајачка риба (lagocephalus) каснала капачка во плитките води, по што таа била лекувана во локален здравствен центар.

