На 43-годишниот македонски државјанин, кој го призна убиството на 45-годишната жена на грчкиот остров Крит, денеска му е одреден притвор по заедничка одлука на истражниот судија и јавниот обвинител.
Осомничениот се товари за убиство со умисла, а пред истражните органи во Ханија изјавил дека злосторството било извршено по расправија со жртвата и дека не било однапред испланирано. Според грчките медиуми, тој во својот исказ побарал прошка од семејството на убиената.
Македонскиот државјанин ќе остане во притвор до почетокот на судскиот процес.
Убиството било извршено на 30 мај, истиот ден кога исчезнала 45-годишната Ставрула Левендаки. Случајот беше расветлен минатата седмица, кога 43-годишниот М.Л., кој со години живее и работи на Крит и последните четири години бил потстанар во куќата на жртвата, го признал делото во текот на предистражната постапка.
Според грчката полиција, осомничениот, откако бил соочен со собраните докази, го признал убиството и ги одвел истражителите до местото каде што го сокрил телото – на приватна земјоделска парцела во областа Ватилакос кај Ханија. Телото било пронајдено закопано, завиткано во повеќе кеси и врзано со пластични стеги, што целосно ги потврдило доказите обезбедени во истрагата.
Исчезнувањето на жената било пријавено со речиси десетдневно задоцнување, што значително ја отежнало истрагата. Поради тоа, грчката полиција го оцени случајот како исклучително сложен.
Ставрула Левендаки исчезнала откако на 30 мај го посетила својот потстанар за да ја наплати киријата и да го провери станот. Токму македонскиот државјанин бил последната личност која ја видела жива.
Случајот предизвика големо внимание во грчката јавност, особено поради тоа што осомничениот првично категорично негирал каква било вмешаност во злосторството и дури давал изјави за медиумите, обидувајќи се вината да ја префрли на други лица.

