Популарниот синџир продавници „Пепко“ во Србија итно повлекува одреден производ од своите рафтови, откако надлежните институции утврдиле дека истиот претставува безбедносен ризик за потрошувачите.
Станува збор за додаток кој при користење може да предизвика физички повреди.
„Во Србија е издадено итно предупредување за потрошувачите откако надлежните институции наложија повлекување на еден производ од продавниците на „Пепко“. Станува збор за нараквица за која е утврдено дека може да претставува ризик од повреди при користење“, се наведува во предупредувањето.
Според информациите објавени во српскиот национален систем за предупредување за небезбедни производи (NEPRO), спорниот артикл бил достапен во продажба на почетокот на оваа година.
„Од продажба се повлекува нараквицата Capybara Bracelet SNAKE (PLU: 631925), која била достапна во продавниците на „Пепко“ во Србија во периодот од 3 до 31 март 2026 година“, стои во официјалното известување.
Како причина за ваквата итна мерка се посочува сериозен фабрички пропуст во изработката, кој е особено опасен за најмладите.
„Причина за повлекувањето е производствен дефект поради кој остра внатрешна ивица може да ја оштети заштитната ткаенина и да предизвика физички повреди, особено кај деца“, појаснуваат надлежните служби.
Од компанијата упатија апел до сите граѓани кои веќе го купиле овој производ, веднаш да го донесат назад во кој било нивен објект.
„Компанијата ги повика сите купувачи во Србија кои го поседуваат овој производ веднаш да престанат да го користат и да го вратат во најблиската продавница на „Пепко“, каде ќе им биде извршен целосен поврат на уплатените средства“, се додава во соопштението.
Српските инспекциски органи нагласуваат дека мерката е преземена исклучиво од превентивни безбедносни причини со цел целосна заштита на купувачите.

