СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против С.Р.(38) и С.О.(61), двете од Струмица, ппоради постоење на основи на сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Првопријавената С.Р., како раководител на Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при општина Струмица, ги пречекорила границите на своите службени овластувања на тој начин што издала Одобрение за надградба на станбена куќа за која од страна на општинската градежната инспекција веќе било донесено Решение за отстранување, а притоа се потпишала и во полето градоначалник.
Таквото одобрение го издала без да се информира и без да побара официјални податоци и документација за предметната градба во однос на евентуално констатирани неправилности од страна на општинската градежна инспекција. Второпријавената С.О., во својство на овластен градежен инспектор при општина Струмица, не постапила согласно Законот за градење на тој начин што откако и било презентирано издаденото одобрение за надградба, таа не поднела предлог за поништување на тоа одобрение, иако била должна да провери дали самото одобрение е законски издадено и доколку утврди дека е спорно да поднесе писмен предлог за поништување до органот кој го донел, односно до Секторот за урбанизам при општина Струмица. Наместо тоа, при контролниот инспекциски надзор констатирала дека повеќе нема неправилности, ја прекинала постапката и го поништила претходно донесеното решение за отстранување на бесправно изградената доградба.
Со таквите постапки пријавените овозможиле да се легализирала доградбата, односно му овозможила на правното лице- инвеститор да се стекне со противправна имотна корист преку продажба на бесправно доградените станбени површини.

