Македонија подготвува измени во системот за доделување државјанства на странски инвеститори, со цел да се намалат можностите за злоупотреби и да се подигне нивото на контрола при одлучувањето. Новиот модел не предвидува целосно укинување на т.н. „златни пасоши“, туку сериозна промена на критериумите според кои странци ќе можат да дојдат до македонски пасош.
Предложените измени на Законот за државјанство веќе се објавени на ЕНЕР. Министерството за внатрешни работи ги подготви овие измени по прецизни препораки на Европската комисија, од каде укажуваат дека ваквите економски програми носат безбедносни и миграциски ризици.
Брисел нотира дека државите треба да избегнуваат доделување државјанства засновани исклучиво на однапред утврден минимален износ на инвестиција, бидејќи тие модели се проблематични за европските стандарди.
Од македонското МВР појаснуваат дека целта на измените е попрецизно регулирање на постапките во пракса.
„Доделувањето државјанство на странци од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено поради различните критериуми што се применуваат“, велат од Министерството.
Со новите законски решенија целосно се укинуваат фиксните парични прагови. Досега, странските инвеститори можеа да аплицираат за македонски пасош со инвестиција од најмалку 400.000 евра во реалниот сектор или 200.000 евра во инвестициски фонд.
Според новиот пристап, самата инвестиција веќе нема да биде доволна гаранција, туку секој случај ќе се разгледува индивидуално преку проценка дали постои реален национален интерес.
Паралелно со овие реформи за странците, Министерството предлага олеснувања за македонските иселеници, со тоа што рокот за повторно стекнување државјанство се намалува од три години на само три месеци, заради полесно враќање на кадри.
Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 370 странски државјани во изминатите години добиле македонско државјанство преку членот 11 од Законот за државјанството, кој ја третира оваа материја.
Оваа политика во минатото често беше мета на критики. Како примери за контроверзии во јавноста се посочуваат индискиот бизнисмен Субрата Рој и неговите синови кои добија државјанство во 2013 година без да ги реализираат инвестициите, како и украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, кој подоцна остана без пасошот по дополнителните безбедносни проверки.

