Апелацискиот суд-Штип ја укина пресудата со која штипјанецот Стојанче Зарков беше осуден на казна доживотен затвор за убиството на својата мајка.
По ваквата одлука на второстепениот суд, на Зарков повторно ќе му се суди во Основниот суд во Штип.
Зарков, кој веќе започнал да ја издржува изречената казна затвор, по најновата судска одлука повторно ќе биде вратен во притворскиот оддел.
Првостепената пресуда со казна доживотен затвор му беше изречена во февруари годинава, за свирепото убиство кое се случи лани на 8 август во раните утрински часови.
Тој во семејниот дом со нож ја уби својата 84-годишна мајка Марија Заркова, по што самиот се јавил на соодветниот број за итни повици.
Судечкиот судија Сашко Георгиев во Основниот суд во Штип при изрекувањето на првичната пресуда потенцираше дека се работи за исклучително тежок случај каде е одземен човечки живот.
Според официјалната архива на судот во Штип, Стојанче Зарков претходно во дури три наврати е суден за сторени кривични дела поврзани со семејно насилство.
Новиот судски процес во штипскиот суд треба да започне од почеток во следниот период.

