Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе одржи јавна расправа за Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, со кои се предвидуваат нови решенија за статусот и правата на вработените во овие институции.
Предлог-законот за судска служба го регулира статусот на вработените во судовите, вклучително и судските службеници, државните службеници, припадниците на судската полиција, како и помошно-техничкиот персонал. Целта е да се воспостави јасна правна рамка за нивните права, обврски и професионален развој.
Со Предлог-законот за јавнообвинителска служба, пак, се уредува статусот на вработените во јавните обвинителства, односно јавнообвинителските службеници, државните службеници и помошно-техничкиот кадар кој обезбедува техничка и организациска поддршка во работењето на обвинителствата.
На јавната расправа се очекува да бидат изнесени ставови и предлози од експерти, претставници на институциите и други засегнати страни во врска со предложените законски решенија.

