Голем пожар попладнево избувна во атарот на штипското село Долани, каде што беше зафатена огромна површина со сува трева, стрниште и нискостеблеста шума.
Благодарение на брзата и координирана интервенција на противпожарните служби, локалното население и воздушната поддршка, пожарот е целосно ликвидиран во вечерните часови.
Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) – Штип информираше дека пријавата за пожарот била примена во 15:05 часот. Поради опасноста огнот да се приближи до куќите, веднаш била покрената масовна акција за негово локализирање.
На терен излегле екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип со 4 противпожарни возила и 15 пожарникари, на кои им се приклучиле и 6 доброволци со 2 возила од ДПД – Штип.
ЈП „Стипион“ – Штип отстапило една работна машина (скип) за пресекување на патот на огнот, додека локалните жители се организирале со 4 трактори и направиле заштитен појас (ораница).
Помош пристигнала и од ТППЕ – Радовиш со 1 возило и оператор со дрон, додека авион на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) извршил две прецизни празнења вода врз критичните точки.
На местото на настанот излегла и екипа од СВР Штип бидејќи едно лице од селото се здобило со лесни телесни повреди додека самостојно се обидувало да го гасне огнот.
Повредениот селанец посведочил пред полицијата дека пожарот бил намерно подметнат од две непознати лица, кои веднаш по палењето побегнале во непознат правец.
„Борбата со огнената стихија траеше повеќе од пет часа. Во 20:30 часот пожарот е целосно изгаснат, а сите учесници во акцијата се повлечени од терен“, соопштуваат од РЦУК – Штип.
Полицијата веќе интензивно работи на расчистување на случајот и лоцирање на сторителите кои го предизвикаа овој сериозен инцидент.

