Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) денеска ја одржа втората седница на своето Генерално собрание. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека фокусот на дискусијата бил ставен на зајакнувањето на финансиската стабилност на општините и на усвојувањето на новиот петгодишен развоен план.
Првиот човек на заедницата појасни дека новата стратегија на локалните власти содржи неколку клучни столбови за дејствување.
„Дискутиравме за важни прашања од работењето на локалната власт, за она што сме постигнале, до каде сме и каде ќе ги насочиме нашите иницијативи во следниот период. Имаме нов Стратегиски план на ЗЕЛС 2026 -2030 година во кој се утврдени три стратегиски цели: лобирање перед централната власт, како најважна активност на ЗЕЛС, но и јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на општините за непречено спроведување на електронските услуги.“
Ѓорѓиевски потенцираше дека најголемиот предизвик за градоначалниците останува фискалната децентрализација, каде се бараат системски промени по европски стандарди.
„Најважен е делот на финансирање на локалната власт, каде бараме обезбедување на најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок, по пример на општините од регионот и Европа. Во изминативе две години добиваме силна поддршка од Владата за инфраструктурни проекти, потоа од одредени програми и проекти добиваме средства за патишта, за изградба на канализации, за комунален отпад и слично, но за да имаме јакнење на локалната власт и поголема финансиска самостојност, потребно ни е предвидливо финансиско планирање и учество на локалната власт во бруто домашниот производ, поголемо од сегашните 5%.“
За да се реализираат овие цели, градоначалниците планираат директни преговори со централната власт при кроењето на државниот буџет.
„Во согласност со потпишаниот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата на Македонија, планираме да ги реализираме и предвидените ,,буџетски средби“ каде навремено ќе можеме да реагираме за обезбедување на повеќе средства во блок дотациите за локалната власт. Сакаме продлабочување на децентрализација на власт, но секогаш со обезбедување на средства колку што се потребни за квалитетно спроведување на префрлените надлежности.“

