Петстотини шеесет и девет ученици од деветто одделение од сите основни училишта на територијата на Општина Кисела Вода синоќа заеднички ја одбележаа својата полуматура. Под мотото „Спремни за средно!“, локалната самоуправа организираше бесплатна забава со која симболично се означи крајот на основното образование за оваа генерација, информираат од општината.
За музичкиот дел настапиле популарното дуо „2Бона“ и диџеј Марио Трампет, а атмосферата ја збогатиле и музичките настапи на самите ученици.
Од Општина Кисела Вода посочуваат дека оваа прослава се организира втора година по ред и дека нејзиниот концепт е создаден врз основа на идеите и желбите на младите.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска во писмена изјава нагласи дека целта била настанот да биде креиран според гледиштето на учениците.
„Синоќа сведочевме на прекрасна енергија и искрена радост. По разговорите со учениците и нивните идеи, заедно создадовме настан за паметење. Нашата цел беше оваа прослава да биде осмислена според нивната перспектива и тоа го постигнавме. Овие млади луѓе покажуваат дека кога ќе им се даде простор, тие носат добри одлуки. Општината ќе продолжи да биде нивна поддршка“, истакна градоначалничката.

