Ние сме заложник на една некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат и тоа е она што сакаме да им го објасниме на нашите колеги во Бугарија. Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави, кога се создава ваков тип на недоверба, истакна денеска во Софија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој претпладнево учествуваше на министерскиот состанок на Партнерството за соработка во ЈИЕ, а попладнево е дел од македонската делегација на Самитот на шефови на држави и влади која ја предводи претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
– И најлесниот начин на којшто ние можеме да се движиме напред и да ги решаваме нашите меѓусебни прашања е доколку Бугарија ги отвори вратите и дозволи ние да ги отпочнеме преговорите и да знаеме дека сите предизвици може да се решат, но да бидат принципиелни предизвици. А за прашања, ќе повторам, поврзани со историја, идентитет и јазик, оваа Влада не е подготвена ниту да преговара, ниту да разговара за нив – рече Муцунски.
Како што јави известувачот на МИА од Софија, шефот на македонската дипломатија попладнево ќе ја придружува претседателката Сиљановска – Давкова на билатералната средба со бугарската претседателка Илијана Јотова.
– Сè повеќе е потребен дух на доверба, затоа што во моментот треба да бидеме искрени и меѓу себе, а постои висок степен на недоверба од двете страни. И таа почнува со една хистерија од минатото, насочена кон создавање негативна перцепција поврзана со нашата држава, којашто се прелева и во внатрешната атмосфера кај нас – рече Муцунски.
Нашите позиции, вели тој, не се променети, но сакаме да градиме дух на позитивна атмосфера.
Токму тоа тој утрово го кажал и пред бугарските новинари. – Реков многу е лесно да бараме причини коишто не делат, но дајте наместо да се фокусираме на минатото, на ирелевантни прашања за европскиот процес, прашања поврзани со идентитет, историја, со јазик – тие се автохтони прашања на една земја и не треба да бидат дел од европскиот процес, да се фокусираме на тоа што е релевантно и значајно за нашите две држави, а тоа е заедничката иднина во Европската Унија. Тоа е пораката којашто ја праќаме од Софија – истакна Муцунски.
Шефот на дипломатијата рече дека со сите колеги треба да се гради меѓусебна доверба и дека дискусиите треба да продолжат. – Треба да продолжиме да ги користиме приликите и да се среќаваме во мултилатералните формати. Наскоро повторно ќе бидеме сите заедно, голем дел од тие што беа присутни денес, на НАТО самитот, така што верувам дека во следниот период ќе има повторно прилики да дискутираме и да бараме решенија за сите предизвици – рече тој.
Во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ПСЈИЕ во рамки на бугарското претседавање рече дека проширувањето веќе не е само технички пристапен процес, туку стратешка инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа.
Процесот на интеграција, според него, би бил кредибилен кога би се почитувале сите оние резултати и реформи коишто се направени, а не отстапките.
– Дефинитивно и тоа е нашата јасна позиција. Прво, тоа што е апсолутно јасно и тоа го кажувам особено по самитот во Тиват е дека постои огромен прозорец којшто се отвора од страна на Европската Унија насочена кон регионот на Западен Балкан. Но, исто така, тоа што ние постојано го повторуваме е дека тој прозорец во преден план треба да ги стави земјите коишто ги исполнуваат реформите поврзани со европските критериуми, но и земјите коишто имаат целосна усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика со Европската Унија – изјави тој.
Од таа гледна точка, вели Муцунски, ние сме модел земја и нашата држава е држава којашто спроведува европски реформи на дело и којашто во делот на надворешната и безбедносната политика е предвидлив и кредибилен партнер.
ПСЈИЕ одбележува 30 години од формирањето, а од неа дел се 13 земји од регионот и пошироко.

