Луѓето не живеат од изјави и односи со јавност, луѓето живеат во услови на високи цени, ниски плати и никаква сигурност, нагласи претседателот претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот 32 програмски Конгрес на партијата „Твоја држава – твоја шанса“. Филипче посочи дека народот тоне во сиромаштија, а економските показатиле се поразителни.
„Бројките не се партиска пропаганда. Во април оваа година, трошоците на живот пораснаа за скоро 6 проценти во споредба со истиот месец лани. Во индустријата, бројот на вработени во април е намален за околу 3 проценти на годишно ниво, за 60% намалено е нивото на странските директни инвестиции“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче посочи дека во време на растечка нееднаквост и инфлација, повеќе од било кога е потребна социјалдемократијата.
„Во време на растечка нееднаквот и огромна инфлација, на исплашени работници, на слаби и партиски контролирани институции и на организиран цинизам, социјалдемократијата повторно станува насушна потреба. Кога богатството се концентрира во неколку центри, таа бара прераспределба. Кога корупцијата расте, таа бара правда. Кога национализмот вирее, таа бара разум. Кога младите губат верба, таа нуди иднина.Кога државата станува студена и далечна, таа ја враќа човечноста во политиката“, рече Филипче.
Затоа како што кажа Филипче, денес, не е потребен партиски реченик туку нов морален завет.
„Денес не ни треба нов партиски речник, туку ни треба нов морален завет. Тој завет почнува од трудот. Од работникот што станува рано, а легнува со страв. Од жената што работи две смени секој ден, едната за плата, другата дома без никакво признание. Од младиот човек што учи, дипломира и пак не знае каде ќе заврши додека мечтае да отпатува во еден правец. Од земјоделецот што ја знае цената на секоја капка пот, а не ја знае цената по која ќе му го откупат родот. Од малиот стопанственик што плаќа сè додека големите бизниси наоѓаат дупки во системот. Од пензионерот што не бара луксуз, туку едноставно сака мир“, рече Филипче.
Притоа тој додаде дека срцето на секоја вистинска социјалдемократска политика е правичноста во оданочувањето.
„Ако истиот даночен товар еднакво го чувствуваат и оној што живее од плата и оној што живее од шпекулации или скриен капитал, тогаш тоа не е еднаквост. Тоа е добро завиена неправда. Затоа ние мора повторно да зборуваме за фер оданочување и заштитата на трудот на работникот. Не од иделошко позерски причини, туку заради елементарна пристојност во една земја што сака да биде европска“, рече Филипче.

