Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изнесе сериозни партиски обвинувања на сметка на поранешниот директор на Царинската управа, Стефан Богоев, поврзани со наводно местење на милионски тендер.
Според тврдењата на пратеникот, во случајот била вклучена и партиска логистика од Прилеп, преку која била договорена конкретна фирма што требало да го добие тендерот во Царината наменет за одржување на хигиената.
Петрушевски јавно постави прашања до Богоев за точната сума на пари што наводно требало да ја добие како награда за завршената работа, повикувајќи се на информации од свиркачи кои тврдат дека ова не е единствениот ваков случај во институцијата.
Од владејачката партија упатија остри критики до кадровската политика на опозицијата, нагласувајќи дека со ваков начин на дејствување се уриваат сите демократски и законски капацитети на државните институции.
„110.000 денари биле првите од многуте што Стефан Богоев требал да ги земе како мито за местениот тендер во Царина од 18 милиони денари. Џемо од Прилеп, сивата еминенција на СДС, договорил фирма која требала да добие тендер во Царина, па преку неговото влијание кон Богац успеал во намерата, а за возврат му ветил подарок во форма на банкноти. 18 милионскиот тендер за хигиена наменет за блиска фирма на Џемо, Богац го овозможил. Но, прашањето коешто треба да го одговори Богоев е колку пари требал да добие како награда за завршената работа? Дали е точно дека му биле ветени 10 проценти од тендерот, односно 1,8 милиони денари? Дополнително, дали е точна информацијата добиена од свиркачи дека ова не е последниот наместен тендер во Царина под раководство на Богоев? Децата на СДС си го покажаа вистинското лице. Иднината на Заев го падна првиот тест. Со вакви кадри СДС треба да се распушти, а не да води политики. Одговорност за криминалите на СДС мора да има.“

