Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со свечен настан го одбележа својот 15-годишен јубилеј од основањето, кој се совпаѓа со 7 Јуни – Светскиот ден на безбедноста на храната.
Директорот на Агенцијата, Оливер Миланов, во своето обраќање ја потенцираше клучната улога на оваа институција во заштитата на јавното здравје и одржувањето на високи стандарди за безбедност.
„Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој од нас има право да биде сигурен дека храната што ја купува и јаде е безбедна. Токму таа доверба е најголемата одговорност што ја носиме како институција. Од формирањето на институцијата во 2011 година нашата мисија беше јасна: да изградиме и одржуваме ефикасен, транспарентен и современ систем за контрола на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Тоа е систем што веќе петнаесет години ги става граѓаните, производителите и бизнис-секторот на прво место, со посветеност на безбедноста на храната, здравјето и благосостојбата на животните и заштитата на јавното здравје“
Миланов информираше дека минатата година инспекциските служби спровеле над 47.200 надзори и изрекле 6.770 мерки, дејствувајќи по принципот „едно здравје“ кој ги поврзува луѓето, животните и средината.
Посебен акцент беше ставен на борбата против погрешното означување на производите и спречувањето на пласирање небезбедни пратки на пазарот за време на изминатите две години.
„Покрај заштитата од небезбедна храна, особено внимание посветуваме и на спречувањето измами со храна. Современите предизвици не се ограничени само на безбедносните ризици. Сѐ почесто се соочуваме со случаи на погрешно означување, лажно претставување на потеклото или составот на производите и други практики, кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда. Затоа, преку засилени контроли и лабораториски испитувања континуирано ги зајакнуваме механизмите за откривање и спречување на ваквите појави следејќи ги европските практики и стандарди. Со тоа ја штитиме не само безбедноста туку и правото на потрошувачите на точни и веродостојни информации за храната што ја купуваат“
„Во 2024 и 2025 година ги интензивиравме инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Не дозволивме на домашниот пазар и на трпезите на граѓаните да се пласираат повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Како небезбедни од граничните премини вративме 16 пратки со храна од животинско потекло, а нештетно уништивме три пратки. Дополнително, забранети се девет пратки на храна од неживотинско потекло и уништени се 90 тони храна од неживотинско потекло од увоз“
На јубилејот се обрати и вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски, кој истакна дека прашањето за храната во време на глобални предизвици претставува прашање од национална безбедност.
Димовски додаде дека свеста кај операторите со храна и кај потрошувачите континуирано расте, при што Владата останува посветена на понатамошно јакнење на капацитетите на АХВ.
„Во време на сериозни глобални предизвици – климатски промени, појава на нови болести, нарушени синџири на снабдување и сè поголеми барања за квалитет и сигурност – прашањето за безбедна храна станува прашање на национална безбедност, јавно здравје и доверба во институциите. Токму затоа концептот „едно здравје“ денес има особено значење. Тог нè потсетува дека здравјето на луѓето, животните и животната средина се тесно поврзани и меѓусебно зависни. Безбедната храна почнува со здрави животни, соодветна ветеринарна грижа, контролирано производство, одговорно користење на природните ресурси и ефикасен институционален надзор“

