Пожар избувнал во Државното средно стручно училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, по што шест лица биле пренесени во Клиничкиот центар за укажување лекарска помош.
Според пријавата во тетовската полиција, огнот настанал во една од кабините во машкиот тоалет на училиштето.
Пожарот бил брзо локализиран и изгаснат од страна на самите вработени, кои интервенирале со противпожарни апарати и внатрешните хидранти.
Интервенцијата поминала со последици по здравјето на вработените кои го гаснеле пламенот, поради што морала да реагира и медицинска екипа.
„При гасењето, поради вдишување на чад, вработените Н.Р., И.П., М.С., А.З., Б.К. и Г.М. се пренесени во Клиничкиот центар во Тетово, за укажување на лекарка помош“, информира Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Веднаш по инцидентот на терен излегла полицијата за да ги утврди причините за настанувањето на пожарот.
Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од СВР Тетово во содејство со Јавен обвинител.

