Во рамките на официјалната посета на Словачката Република, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Братислава ја посети мултимедијалната изложба „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, посветена на духовното и културното наследство на светите браќа Кирил и Методиј и словенската писменост.
Кураторот на изложбата, Кирил Пенушлиски, ги претстави делата на македонските уметници Александра Костадиновска, Ана Митевска, Ангел Коруновски и Лазе Трипков, реализирани преку сликарство, фотографија и дигитални медиуми.
Сиљановска-Давкова, оценувајќи ја изложбата како импресивна и моќна, укажа дека уметноста е еден од најсилните облици на културна дипломатија и меѓусебно поврзување.
„Уште еднаш се покажа дека креативноста, умот и талентот се побрзи од светлината. Ова во моментот е градот на светлината, просторот којшто осветлува. Далечината меѓу Скопје и Братислава исчезнува за миг, а она што нѐ поврзува е глаголицата“, рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите.
Според претседателката, делото на светите Кирил и Методиј не е само духовно и историско наследство, туку жив цивилизациски код што нè поврзува како народи.
Пенушлиски се заблагодари на македонската амбасада во Братислава, Министерството за култура и туризам и Националниот центар за култура и образование во Братислава, за поддршката во реализацијата на изложбата, за којашто очекува да биде претставена и во други градови.

