Детските градинки и основните училишта на територијата на Општина Гази Баба добија висококвалитетни прочистувачи на воздухот. Во оваа фаза од проектот, со вакви апарати се опремени сите занимални во градинките во оваа општина.
Според најавите од локалната самоуправа, паралелно со оваа активност, започна и поставувањето на прочистувачи во основните училишта, со цел во следниот период да се обезбеди ваков уред за секоја училница.
Станува збор за високо квалитетни прочистувачи кои располагаат со најсовремена технологија и трослојна филтрација која вклучува предфилтер за крупни честички, HEPA филтер од класа H13 за бактерии и вирусни аеросоли, како и јаглен филтер за чад и гасови.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ги образложи деталите за реализацијата на оваа мерка во образовните установи.
„Со особена гордост можам да кажам дека во оваа фаза сите занимални во детските градинки на територијата на Општина Гази Баба се опремени со прочистувачи на воздухот, обезбедувајќи поздрава и побезбедна средина за престој на нашите најмлади“, истакна тој.
Стефковски ја нагласи и крајната цел на проектот која ги опфаќа учениците во основните училишта на територијата на општината.
„Паралелно со оваа активност, започнавме и со поставување на прочистувачи на воздухот во основните училишта. Нашата цел е јасна и амбициозна – во следниот период да обезбедиме прочистувач на воздухот за секоја училница на територијата на општината“, вели градоначалникот.
Уредите имаат покривна површина од минимум 50 метри квадратни, автоматски режим на работа според квалитетот на воздухот, сензор за честички со визуелен индикатор и тивок режим на работа со заштита од прегревање.
Како што се наведува во соопштението, овој проект директно придонесува за заштита на здравјето на децата и за создавање поздрава образовна средина.
„Реализацијата на овој проект е од исклучително значење бидејќи директно придонесува за заштита на здравјето на децата, подобрување на условите за учење и престој, намалување на изложеноста на штетни честички и создавање поздрава образовна средина. Продолжуваме посветено да инвестираме во проекти кои го унапредуваат квалитетот на животот на нашите сограѓани“, се заклучува во објавата.

