Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, денеска присуствуваше на потпишувањето на меморандум за соработка во областа на циркуларната економија. Договорот е склучен помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (заедно со Градежниот и Економскиот факултет) и партнерските институции од Северна Рајна-Вестфалија – Универзитетот за применети науки во Келн и Универзитетот Ферн во Хаген, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
За време на настанот, министерката Јаневска потенцираше дека како мала земја која силно ги чувствува глобалните економски промени, Македонија мора да гради отпорен систем преку вложување во науката и современите економски модели.
Министерката во своето обраќање даде детално објаснување за значењето на овој нов концепт на работење:
„Циркуларната економија е современ концепт на живеење и работење кој нуди одговори на бројни општествени и глобални предизвици. преку рационално користење на ресурсите, намалување на отпадот, повторна употреба и создавање нова вредност преку иновации. Затоа, со големо задоволство ја поздравувам соработката на високообразовните установи кои ќе се заложат за проширување на примената на овој модел на економско однесување“, рече Јаневска.
Јаневска изрази очекувања дека соработката, која вклучува размена на информации, студенти и професори, како и модернизација на студиските програми, ќе помогне во создавањето на нови генерации стручњаци.
Зборувајќи за улогата на младите во развојот на општеството, таа го заокружи своето излагање:
„Токму тие млади луѓе, вклучувајќи се понатаму во бизнис секторот, академската и научната заедница и во институциите, ќе продолжат да ја шират оваа култура на одговорно и одржливо делување и ќе создаваат подобра иднина за себе, државата и глобалниот свет“, додаде министерката.

