Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со амбасадорот на Австрија во Македонија, Н.Е. Мартин Памер. Средбата се одржа во духот на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете држави, со фокус на унапредување на институционалната соработка и поддршка на реформските процеси.
Во центарот на разговорите беа реформите во јавната администрација, со посебен акцент на управувањето со квалитет во јавниот сектор и зајакнувањето на административните капацитети. Соговорниците ги истакнаа постигнатите резултати во имплементацијата на Заедничката рамка за оценување (CAF) и важноста од нејзина натамошна системска примена како алатка за подобри институционални перформанси и поголема отчетност.
Посебно беше нагласена досегашната успешна соработка со Австрија преку Австриската агенција за развој и KDZ – Центарот за истражување во јавната администрација, вклучително,како и студиската посета на институции во Виена од страна на претставници од Министерството во рамки на TAIEX програмата. Овие активности беа оценети како значаен придонес кон размена на знаења и приближување кон европските практики во управувањето со јавниот сектор.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за натамошно продлабочување на соработката, особено преку развивање на поинтегрирана и долгорочна рамка за поддршка на реформите. Двете страни се согласија дека следната фаза на трансформација на јавната администрација бара системски пристап, силна институционална координација и континуирана меѓународна поддршка.

