Советот на Општина Центар донесе одлука за воспоставување нов систем на паркирање, со кој се менува начинот на издавање на повластените паркинг картички со цел порационално користење на јавниот простор и поправедна распределба на местата за жителите.
Наместо како досега по жител, повластените паркинг карти отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса, што треба да го намали притисокот врз паркинг просторот во Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и централното подрачје.
Според ЈП ПОЦ, досегашниот модел создавал сериозен дисбаланс, бидејќи во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат повеќе возила под повластени услови, што дополнително го оптоварувало капацитетот.
Од јавното претпријатие ја појаснуваат потребата од воведувањето на новите правила за паркирање во општината.
„Паркинг просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг просторот постојано расте, бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен. Затоа воведовме систем кој треба да обезбеди поправедна распределба на просторот, побалансирани услови за сите жители и одржливост на системот за паркирање“, велат од претпријатието.
Со новите правила, секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило, додека за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
Од претпријатието потенцираат дека оваа реформа има и поширока урбана цел, односно намалување на сообраќајниот метеж и поттикнување на порационално користење на автомобилите.
„Кога јавниот простор се користи без јасни правила, добиваме нерамномерно користење, непрописно паркирање и дополнителен метеж. Со воведување пофер систем сакаме да создадеме пофункционален градски простор и подобар квалитет на живот за сите граѓани“, додаваат од ПОЦ.
Паралелно со реформите, ЈП ПОЦ најавува дека собраните средства ќе бидат инвестирани во обезбедување нови паркинг места, проширување на капацитетите, како и во модернизација и дигитализација на услугите.

